Православната охридска архиепископија на Јован Вранишковски се припојува кон Македонската православна црква – Охридска архиепископија, објави Сител. Синодот на МПЦ-ОА донел повеќе одлуки, но оттаму не даваат повеќе детали, само потврдуваат дека станува збор за распределбата на епархиите.

– Донесени се неколку одлуки, меѓутоа, сè уште не можеме да ги споделиме со севкупната јавност, како македонска, така и друга, бидејќи истите треба да ги усогласиме со Српската православна црква, па откако ќе ги усогласиме ќе бидете и вие информирани, одговориле од Синодот за телевизијата.

„Чисто да знаеме, дали е тоа околу поделбата на епархиите?“

-Да, да, да, детали не можам да зборувам.

Според Тимотеј, процесот на интегрирање меѓу ПОА и МПЦ ќе трае околу три недели.

ПОА бара да управува со четири епархии, но засега не е познато што точно ќе добијат. Порталот „Религија.мк“ пишува дека Јован Вранишковски на управување ќе ги добие Демир Хисар и Крушево, заедно со Нижополе, каде веројатно ќе биде седиштето на новата епархија.

Јаоким, кој во ПОА има титула Полошко-кумановски ќе добие на управување нова епархија од Кумановско-осоговската со која сега управува владиката Григориј.

Владиката Марко сега ќе управува со Делчево и Каменица, но неговата нова титула засега не е позната.

Единствен за кој имаше најголем отпор во МПЦ-ОА, беше епископот Стобиски Давид. Но според „Религија.мк“, него може да му биде понудено нова епархија во Скопско, во околината на Сопиште.

Во моментот МПЦ-ОА има 12 епархии, осум во државата и четири во дијаспората.