По повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да се прогласи нова вонредна состојба на територијата на целата држава, од кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски одговорија дека тоа е можно само ако има договор меѓу партиите за датумот за избори.

„Ставот на претседателот Стево Пендаровски ѝ е познат на јавноста. Претседателот е подготвен да донесе нова одлука за прогласување на вонредна состојба на територијата на цела држава, само доколку претходно биде постигнат меѓупартиски договор на сите политички субјекти за датум на предвремените парламентарни избори, заради создавање на правна рамка за нивно непречено организирање и спроведување“, велат од кабинетот за МИА.