21-годишна мајка која вчера, со царски рез била породена во битолската Клиничка болница, родила мртво новореденче. Новороденчето и’ било четврта рожба на младата мајка, која до неодамна живеела во странство и имала неконтролирана бременост кај нас, а ова и’ бил втор случај во кој загубила бебе, на безмалку идентитечен начин. Од битолската Клиничка болница тврдат дека овој случај воопшто не бил сомнителен.

„Нема никаков сомнеж, ништо не е сомнително заради тоа што мајката е 21 година, имала четири бремности, од кои две се живородени, две се мртви. Исто било и третото починато пред три години, на истиот начин. Сега жената била во Германија, значи до седми месец неконтролирана бременост кај нас во Македонија. Како азилант, во седми месец се враќа и првпат отишла на приватен гинеколог во крајот на седми месец и 36 недела“ – ни изјави за Алфа, д-р Елизабета Ивановска, директор на Клиничка болница – Битола.

Бидејќи бебето имало вишок плодова вода што само по себе укажувало на некоја аномалија, веднаш бил извршен царски рез, но за жал, бебето веќе било мртво, појаснува д-р Ивановска.

„Извршена е цезареја, бебето е нематретирано воопшто при самоо раѓање, но извадено е без знаци на живот, без срцева акија, без дишење, без пулс. Штом се работи за вишок на плодова вода, значи дека се работи за аномалија. Телото е предадено на обдукција, но нема никакво незадоволство од страна на фамилијата, баш напротив, биле преблагодарни на вчерашната екипа, се заблагодариле, мајката е добра и тоа е“, – посочи директорката д-р Ивановска.

Инаку, од почетокот на годинава, ова е трет смртен случај на дете во битолската Болница, по оној на шестгодишната Јана во март и на новороденчето кое почина само два часа по породувањето, во април. Како што е познато и двата овие случаи се најдоа пред битолското ОЈО заради сомнежи на семејствата за лекарска грешка. Меѓутоа, во случајот со малата Јана, според ОЈО, обдукциските наоди покажале дека немало пропусти во лекувањето, а додека за починатото бебе на младата мајка Викторија Крстеска, се уште се чека на мислењето на ОЈО по обдукциските наоди, а кои конечно кај нив стигнаа дури по три месеци од трагичниот настан, односно дури на почетокот од месецов.

Долгото чекање на резултатите од обдукциите и во двата слуачи, уште повеќе како да ги зголеми сомнежите и кај семејствата, но и кај македонската јавност дека резултатите се местат, со единствена цел, да не одговара никој од лекарите – виновници, како што упорно тврдат и родителите на Јана, а и на починатото новороденче.

Каролина ДУРЛО за АЛФА ТВ