На нас ни требаат гаранции и тие нема да ги обезбедиме преку ноќ. Обезбедувањето на гаранциите за Македонија значи проактивна дипломатска активност, односно она за кое се нудевме да и помогнеме на владата пред да го прифати францускиот предлог и велиме дека треба да се преземат дополнителни чекори за да обезбедиме сигурност и извесност за државата, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во гостувањето во Радио Лидер.
– Ние не велиме дека треба да се води инстант надворешна политика како што водат Ковачевски и Османи во последниве години, затоа што нивниот принцип е што бара другата страна се да прифатат и ништо не бараат за возврат, никаква гаранција и никаква сигурност за македонските граѓани, истакна Муцунски.
Во однос на одложеното дејство на уставните измени, да се случат на крајот кога ќе биде ратификуван влезот на Македонија во ЕУ, Муцунски вели дека е тоа возможно и затоа во меѓувреме треба да се работи на тие гаранции за да се спречат бугарските условувања.
– Сум разговарал со неколку експерти, колеги кои се и тоа доста поискусни во науката, меѓу најискусните професори по Уставно право и тие велат дека од формално гледна точка, одложната примена до членство во ЕУ е возможно. Предлогот кој претседателот Мицкоски го даде е да се внесат сите заедници кои ги имаме утврдено согласно попис, широк опфат на заедници кои ги уживаат правата. Но кај нас како Македонци се создаде голема фрустрација од однесувањето на Бугарија, земја која не толку далечното минато сме ја третирале како сојузник, нагласи Муцунски.
Тој додаде дека овие прашања кои Бугарија ги отвори се навредувачки за Македонецот и мора да се стави крај на истото и тоа е причината поради која мораме да обезбедиме гаранции од ЕУ.
– Затоа велиме дека мораме да ставиме крај на сите овие уцени, условувања и процеси кои при секој изборен циклус во Бугарија дополнително ќе го отежнуваат нашиот европски пат. Единствен начин да ставиме крај на тоа да обезбедиме гаранции и тоа гаранции кои ќе доаѓаат од највисоко ниво, изјави Муцунски.