Претседателот на косовската партија Движење за обединување, Ваљон Мурати го оцени за „несериозен“ пристапот на Владата на Албин Курти кон дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за порталот „Економиа онлајн“, Мурати изјави дека актуелното статус кво во преговорите со Србија е на штета на Косово и ѝ одговра единствено на Русија.

Лидерот на вонпарламентарното Движење за обединување е убеден дека Курти нема да потпише некаков договор со Србија, од причина што, како што вели, нема храброст.

– Господинот Курти дојде на власт меѓу другото и критикувајќи го целиот процес на дијалог. И од она што јас го гледам во неговата политика, не верувам дека тој ќе потпише нешто и тука се работи за немање храброст и водење политика заснована на популизам. Ние имаме потреба од храбри политичари кои знаат што сакаат и кои ќе не извлечат од статус кво ситуацијата во која моментно се наоѓаме, изјави Мурати.

Тој потсетува дека и помошничката државен секретар на САД, Карен Донфрид при нејзината посета на Косово кон крајот на април годинава побара од Приштина да постигне напредок во преговорите со Белград.

– Што се однесува до дијалогот, јас гледам тотална несериозност од сите актери. Косово би требало да биде позаинтересирано да имаме активен дијалог. Нам не ни одговара ова статус кво, а тоа го рече и помошничката државен секретар, која при последната посета изјави дека статус кво ѝ одговара на Русија. Нашата Влада е заглавена во ова статус кво, што очигледно ѝ годи, изјави Мурати за ЕО.

Според него, ниту Србија не покажува особен интерес за постигнување договори со Косово, ниту пак се гледа некаква динамика кај Европската Унија, како посредник, да го забрза процесот.

– Целиот овој процес има еден нов елемент кој може да го забрза, а тоа е американскиот фактор, кој испраќа јасни сигнали дека моменталната ситуација е неодржлива и тоа може да ја промени динамиката, изјави Мурати.