Петнаесет илјади луѓе го посетиле Музејот на традиционална тиквешка храна за шест години постоење.

Во музејот се изложени  повеќе од 500 предмети поврзани со производство и обработка на храна, како и орудија и алати за обработка и производство на традиционална тиквешка  храна.

Тие се изработени од камен, дрво, керамика и стакло. Поставката е збогатена со машка и женска народна носија која го отсликува етничкиот предел на Тиквешијата. Музејот е составен од четири оддели –  археолошки, етнолошки и две спомен-соби –  на Васил Хаџиманов и Никола Бадев. Спомен-собата на Бадев беше отворена во октомври 2018 година по повод стогодишнината од неговото раѓање.

Од Музејот велат за МИА дека основна цел и мисија на оваа културна институција е преку предмети  и други експонати да ги запознае посетителите со основните музеолошки и културолошки вредности на самата институција, кои претставуваат сведок за богатото културно наследство во Тиквешијата. Едукацијата и запознавањето со културните  вредности има различни целни групи –  млади, деца од училишна и предучилишна возраст, туристички групи…

Музејот беше отворен  во рамки на проектот „Гастрономски патишта – Кајмакчалан” помеѓу општините Кавадарци и Едеса, финансиран од Европска Унија преку Програмата  за прекугранична соработка.