Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информира дека досега МВР има поднесено девет кривични пријави за подметнувачи на пожари во државата.

Според него, има сериозни индиции дека покрај бизнис интереси, се случуваат пожари и од невнимание, меѓутоа и од политички причини.

– Конкретно сметаме дека она што се случи кај салата „Борис Трајковски“, тоа е подметнат пожар, сметајќи дека тука ќе се одржува конвенција на една од политичките партии. Сериозно работиме на детектирање и сите информации кои ги добиваме, одат во тој правец дека е можно да има политичка вмешаност, изјави Спасовски по денешното одбележување на 15. годишнината од МАРРИ Регионалниот центар.

Тој апелираше до граѓаните да се воздржуваат од уништувањето на природата и од кои било побуди да подметнуваат пожари и да уништуваат добра на Република Македонија, затоа што, предупреди, за тоа следи сериозна одговорност.