Министерството за внатрешни работи ги демантираше информациите на Независниот синдикат кој денеска обвини дека граничната полиција е на раб на егзистенција.

– Најостро ги демантираме дезинформациите и лажните вести изнесени од Независниот синдикат на полицијата со кои тенденциозно се обидува на јавноста да и се претстават состојби што се далеку од реалноста. Во изминативе две години актуелното раководство на МВР континуирано работи на подобрување на затекнатите состојби во кои што беа полициските службеници, соопштија од министерството.

Според МВР, интензивно се вложува во подобрување на условите и стандардите за работа, користејќи се со сите објективни капацитети и можности што се на располагање.

– Јавноста континуирано има можност директно да биде запознаена за се, а тоа ќе го правиме и во иднина промовирајќи го подобрувањето на условите за работа на полициските службеници низ целата држава и во сите организациски единици, се вели во соопштението.