Министерството за внатрешни работи не ги почитува основните права на вработените во граничната полиција.

Вработените се на раб на егзистенција, комплетно изолирани, без никаква комуникација со други служби и без струја и вода. Ова денеска на прес-конференцијата го посочи портпаролот Дејан Саздов од Независниот Синдикат на полицијата (НСП). Од Министерството бараат итно подобрување на состојбите во граничната полиција и признавање на Синдикатот.

– Носиме позајмена униформа. Чешки панталони и словачки дотраени чизми, што откако ги презентиравте ги „скривте“. За лично вооружување постаро од 50 години да не зборуваме. Што ќе ни се современи возила кога нема тендер за нивно сервисирање, а во јануари и февруари немаа ниту гориво. Да бидеме разбрани, што ќе ни се ремени ако немаме соодветни панталони за граничната полиција, рече Саздов.

Саздов упати прашање до министерот зошто ја игнорира репрезентативноста што НСП ја постигна по сила на закон врз основа на одредбите од Законот за работни односи и им ја достави во јуни минатата година.

– Ние сме подготвени писмено да го известиме високиот претставник на ЕУ и Советот на Европа со цел да им укажеме дека во МВР не се почитуваат основните права на вработените а исто така бараме и итно приклучување во креирање на Колективниот договор за вработените во МВР, додаде Саздов.

Помошник генерален секретар на НСП, Мартин Ефремов, рече дека е незамисливо во 21 век во полициските станици уште да немаат интернет и да се користат со картотеки за потрага на лица и возила.

– Сакаме да знаеме каде е униформата за младите полицајци во граничната полиција со која министерот се сликаше и ја промовираше. НСП како репрезентативен синдикат, со поддршка од околу 30 отсто од вработените има обврска да ги штити вработените и нивното достоинство. Ако не ни дозволувате тоа да го правиме преку дијалог, ние ќе ги користиме сите други демократски средства што ни стојат на располагање, додаде Ефремов.