Јетон Љужа, осомничениот за убиството на Никола Саздовски, денеска е екстрадиран од Германија и достапен за органите на прогонот во земјава, соопшти МВР.

За Ј.Љ. беше распишана меѓународна потерница на барање на ОЈО Скопје.

-Денеска од Германија во РС Македонија е екстрадиран Ј.Љ. (21) од Скопје, осомничен дека сторил кривично дело „убиство“. На 29.06.2018 околу 17.35 часот во Скопје заедно со Б.Б. и С.Д. го нападнале Н.С., кој починал од нанесените повреди, наведува МВР.

Според Министерството, Секторот за меѓународна полициска соработка презеде соодветни мерки и активности за активна потрага по Љужа. По неговото лоцирање, биле разменети информации со германската полиција, по што е приведен.

-Потоа се преземени и соодветни мерки и активности за негово испорачување во Република Северна Македонија, дополнува МВР.

Изминатите 18 месеци, како резултат на соработката со германската полиција, во Германија се приведени 50 лица по кои трагаат нашите институции, од кои дел се екстардирани, а за дел постапката е во тек.