Пожар кој избувна синоќа во Радовиш во кругот на поранешен „Декортекс“, настанал во една од халите на фабрика за текстил, во која биле сместени машини и репроматеријали.

Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека вчера во 20:08 часот во Полициската станица Радовиш е пријавено дека настанал пожар во една од халите на фабрика за текстил во Радовиш, во која биле сместени машини и репроматеријали.

По интервенција на Територијалните противпожарни единици од Радовиш и Струмица пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема.

Известен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и инспектор за пожари. Извршен е увид од екипа на ОВР Радовиш.

Гаснењето на пожарот траеше повеќе од шест часа. Според информацијата од радовишките пожарникари, при гаснењето неколку пожарникари вдишале чад и се здобиле со полесни изгореници, но сите кои учествувале во гаснењето се чувствуваат добро.

Пожарот го гаснеа пожарникари од ТППЕ Радовиш, а на помош биле повикани пожарникари од Струмица, како и доброволното противпожарно друштво од Конче.