Од Министерство за здравство за 24 годишниот пациент од Ресен кој почина како последица на Ковид-19 велат дека тој на инфективното одделение во болницата во Битола бил примен на 24 август како суспектен на болеста. Пациентот, според министерството, имал ниска сатурација и отежнато дишење, биле направени сите потребни лекарски проверки, притоа тој имал масивна бронхопневмонија, ниска сатурација и веднаш му била дадена терапија и бил ставен на кислородна поддршка.

„Откако ја примил терапијата, пациентот одбива да остане на болничко лекување, иако запознаен со сериозноста на состојбата и потребата од доиследување, пациентот бара да биде пуштен на домашно лекување. По потпишана изјава дека си оди на сопствена одговорност, пациентот е испишан со препишана терапија која треба да ја прима во модуларната болница во Ресен“, велат од Министерството.

Следниот ден, на 25 август, пациентот како што наведуваат, е донесен од болницата во Охрид за хоспитализација во Битола.

„Веднаш хоспитализиран во тешка општа состојба со ниска сатурација, поставен на двојна кислородна поддршка, интензивна терапија, но и покрај тоа постојано му се влошува состојбата и паѓа сатурацијата. На 27 август утрото и покрај обидите на лекарите да го спасат, пациентот починал“, посочуваат од министерството.

Во системот, како што додаваат од министерството за здравство, не се заведени коморбидитети кај пациентот и тој не бил вакциниран.