Основните прехранбени производи ќе поскапат од следниот месец. Замрзнатите маржи и ослободувањето од ДДВ кај храната престануваат да важат по 31 мај. Во моментов Владата анализира дали ќе има нов пакет или ќе се продолжи со некоја од постоечките мерки, но замрзнување на цените нема да има. Ефектот од таква мерка, според премиерот Ковачевски, би бил спротивен, затоа што најголем дел од производите се увезени, чии цени се во постојан пораст, анализира ТВ Сител.
„Некои од предлозите се не само неприфатливи туку и неодржливи, како на пример, замрзнување на цените како што предлагаат некои економисти кои се од наше, македонско потекло, меѓутоа кои во моментов работат во странство. Тој пристап може да се примени во одредени држави само таму каде што целиот синџир на набавки се наоѓа во државата“, изјави Димитар Ковачевски, премиер.
За да го заштити стандардот на граѓаните, Владата донесе сет мерки, каде дел од производите се продаваат по набавна цена, без ДДВ, а за дел се органичи маржата на 5, односно на 10%. Важноста на овие мерки истекува за две недели. Во меѓувреме, Обединетите нации објавија дека војната во Украина може да предизвика глобална криза со храната, која може да трае со години. Цените на храната на светскиот пазар бележат пораст од 30% во споредба со истиот период лани, па што се стравува дека некои земји можат да се соочат со долготраен глад, ако не се врати украинскиот извоз на предвоено ниво.
– Ако не го решиме овој проблем денес, ќе се соочиме со глобален недостиг на храна во наредните месеци, изјави генералниот секретар Гутереш.
Во меѓувреме, бугарската Влада со нов пакет мерки, меѓу кои – лебот ќе се продава без ДДВ, пензиите ќе се зголемат за 20%, даночни олеснувања ќе има за семејства со деца, предвидени се попусти за гориво, ДДВ-то за парно, топла вода и природен гас ќе се намалат на 9%, а струјата и метанот ќе бидат ослободени од акциза.