Возило се превртело на автопатот Градско-Велес утринава околу 6.30 часот,  во кое биле пронајдени 13 мигранти, од кои двајца повредени, информираше Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

– Патничко возило  „рено еспејс“ со струмички регистарски ознаки, управувано од непознато лице, удрило во заштитната ограда и се превртело. По незгодата, возачот побегнал од местото, а во возилото биле пронајдени  13 мигранти од кои двајца биле повредени, појасни Додевски.

Тие биле пренесени во Општата болница Велес, а поради карактерот на повредите биле префрлени во комплексот клиники „Мајка тереза“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, а увид на местото извршила екипа од СВР Велес.

Како што изјави Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, двете повредени момчиња со возило на Итна помош биле итно пренесени во велешката болница каде и била дадена потребната  медицинска помош.

– Станува збор за две млади момчиња од Бангладеш, кои имааат повеќе трауматолошки повреди на целото тело, а поради сериозноста на повредите се пренесени на Клиниката за трауматологија во Скопје, појасни Андова.