НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Цели 25 години трае истрагата за атентатот врз Глигоров, но нема резултати од анализите на песокот на Фрчкоски

/ 03.10.2020

Пред 25 години на 3 октомври беше извршен атентат врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди во главата.

Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски поведе истрага, која се уште е отворена. Повозрасните се присетуваат на тоа време, и истрагата во која од гаражи и домови низ Скопје, беше собирана песок за анализа и споредба со таа во вреќите од „цитроенот“ во која беше експлозивот за атентатот врз претседателот Глигоров.

На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител сè уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран и оти само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеа атентатот.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието.

Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.

Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.

Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.


Од истата категорија