На денешен ден во 2009 година голем пожар избувна во Бигорски манастир.

Проблеми во инсталацијата на електричните и плинските уреди во кујната се причина за пожарот што избувна изутрината во манастирот Св. Јован Бигорски. Пламенот прво го зафати кујнскиот дел, по што се прошири во трпезаријата, конаците и библиотеката, кои се целосно изгорени, но нема повредени лица. Штетата од огнената стихија, според проценките на Националниот конзерваторски центар, изнесува над 5,5 милиони евра.

Но, трајно се уништени и објекти и предмети чија историска и културна вредност е ненадоместлива. Со помош на монасите се изнесени и се спасени речиси сите вредни икони од галеријата.

Манастирскиот комплекс Св. Јован Бигорски посветен на Св. Јован Крстител, се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требишта, по течението на прекрасната Радика. Името Бигорски, го има добиено заради тоа што е изграден од бигор.

Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци. Според Бигорскиот поменик, манастирот го основал монахот Јован во 1020 година а во 16 век манастирот бил разурнат од Турците, и останала само една мала црква.

Од помениците исто така се дознава за обновувањето на манастирот во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој е и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.

Манастирот Св. Јован Бигорски надалеку е познат по својот иконостас. Него го правеле мајсторските раце на тајфата на Петре Филипов – Гарката од селото Гари. Петре Филипов – Гарката, брат му Марко, Макрариј Фрчковски од Галичник и Аврам Дичов со синовите Васил и Филип од родот Филиповци од Осој, во периодот од 1829 до 1835 година успеале да создадат врвно уметничко копаничарско дело.

(Подготви: Д.Г.)