На 3 септември 1901 година на патот од Банско за Симитли, кај месноста Потпрена Скала, македонски револуционери на чело со Јане Сандански, ги грабнаа американската мисионерка мис Елен Стон и нејзината придружничка, Бугарката Катерина Стефанова Цилка.
Целта била да се обезбедат пари за националноослободителното движење. И така завршило грабнувањето. За ослободувањето на грабнатите Организацијата доби 14.000 турски лири, што ги употреби за купување на оружје.
Во 1900 година во Струга е роден Ристо Крле, македонски драмски писател. Неговото дело претставува трајна вредност на македонската литература. Заедно со Васил Иљоски и Антон Панов, меѓу двете светски војни го оживеа драмскиот жанр во македонската литература.
Негови познати дела се “Парите се отепувачка”, “Антица”, “Милиони маченици”, “Автобиографија”, “Велик ден” и други. Умре во Скопје, на 29 октомври 1975 година.
Во 1921 година во Куманово е роден Христијан Тодоровски – Карпош, народен херој на Македонија. Во 1941 година учествуваше во собирањето на оружје, разнесување на летоци и на билтенот “Дедо Иван”, што го издаваше градската партиска организација. Исто така, учествуваше во подготовките на Првиот кумановски НОП одред.
Беше член на Штабот на Кумановскиот партизански одред. Загина при нападот на бугарската војска во селото Билјача, на 7 февруари 1944 година.
Во 1925 година во селото Габрово, Струмичко, е роден Манол Пандевски, македонски историчар и академик. Во 1987 година објавен му е избор од неговата научна активност во пет тома под наслов „Македонско ослободително дело во 19. и 20. век“. Умре во Скопје, на 21 мај 1998 година.
Во 1933 година во Софија излезе првиот број на „Македонска правда“, весник на македонската емиграција. Од 1 до 11 број уредник беше Димитар П. Евтимов. Весникот ја подржуваше идејата за балканска федерација како единствено решение за мир на Балканот.
Од 12-иот број весникот премина во рацете на протогеристите, при што Евтимов ја напушти редакцијата. Излегоа вкупно 52 броја.
Во 1944 година повеќе од 300 балисти со невидена бруталност почнаа да се пресметуваат со населението во селото Маврово, Гостиварско. Се што ќе најдеа пред себе убиваа и пљачкосуваа. На крајот го запалија и го уништија до темел целото село.
Изгорени беа повеќе од 150 куќи, пљачкосани повеќе илјади крупен и ситен добиток, претепани и убиени многу луѓе, а живи в оган беа фрлени Куне Трпевски, Симун Трифуновски, Евдо Десовски и Мара Штерјовска.
(Подготви: Д. Г.)