На 3 јуни 1098 година по петмесечна опсада во Првата крстоносна војна, крстоносците го зазеле градот Антиохиј, чие денешно име е Антакија и се наоѓа на југот од Турција.
Првата крстоносна војна траела од 1096 до 1099 година и ја покренал папата Урбан II со цел ослободување на Исусовиот гроб и ослободување на неговиот свет град Ерусалим од властите на неверникот, односно муслиманите. Крстоносците со овој поход го освоиле Ерусалим и уште неколку градови од околината (Едеса и Антиохија) формирајќи го Ерусалимското кралство и други крстоносни држави. На овие темелнички усвојувања била создадена првата крстоносна држава, а во самиот Ерусалим биле отворени првите витешки школи. Ова е единствениот крстоносен поход во кој била исполнета крајната цел – ослободување на Ерусалим.
Подготовката на крстоносните војни и конкретно на Првата крстоносна војна започнала уште во раното средновековие.
Крстоносните војни имаат големо значење за историјата на источноевропските народи. За време на крстоносните походи за прв пат се судираат интересите на истокот и западот. Нетрпеливоста на западните народи спрема исламот била главна причина за започнување на крстоносните походи. Меѓутоа за кратко време религиозниот мотив избил на втор план и на преден план избиле политичките мотиви. Крстоносците веќе не размислувале за ослободување на Ерусалим, туку за основање на свои независни кнежевства и за освојување на Византија. Главна причина за започнување на крстоносните војни било обидот на западната црква да ја потчини источната.
Освојувањето на Антиохија
Ноќта меѓу 1 и 2 јуни Боемунд го довел својот одред до кулата која ја бранел Фируз и кулата била освоена од крстоносците. Од друга страна во Антиохија влегле крстоносни одреди и започнал масакар. Поголем број од војниците во турскиот гарнизон кои не успеале да избегаат биле убиени.
Така на 2 јуни 1098 година била заземена Антиохија. Наредниот ден на 3 јуни до Антиохија стигнал мосулскиот емир Кербуг со 300.000 војници. Војската на крстоносците не броела повеќе од 120.000 војници, зашто 180.000 војници загинале во битките, а некои биле однесени во гарнизоните во Мала Азија.
Кербург одлучува со глад да ги примора крстоносците да се предадат. Крстоносците три недели биле во опсада. Тие се решиле преку реката Оронто да се спуштат до Средоземното Море каде што се наоѓале венецијански трговски бродови.
На 28 јуни 1098 година крстоносците успеале да се пробијат и да ги протераат муслиманите.
По заземањето на Антиохија меѓу крстоносците настанал судир околу тоа кој да владее со Антиохија. Главни претенденти за владеење со Антиохија биле Боемонд Тарентски и Рајмунд Тулиски. На крајот победиле приврзаниците на Рајмунд и пратиле претставници во Константинипол за да преговараат со византискиот император, а ги предводел Гиј од Вермонд брат на францускиот крал.
Освојувањето на Ерусалим
За исходот од тие преговори не се знае бидејќи Гиј не се вратил во логорот. Во Антиохија умирале се повеќе крстоносци, настанало глад и сиромаштија. Рајмунд Тулуски со останатите крстоносци се упатил кон Ерусалим. Застанал во Триполис. Кога се спремале да го заземат градот Боемунд го испратил Танкред да ги попречи во планот. Во средината на мај 1099 година Рајмунд го напуштил Триполис. Крстоносците не биле повеќе од 20.000 и биле доста изморени од војувањето.
На крстоносците им помогнале Џеновјаните и Пизанците кои им давале храна и други работи кои им биле неопходни. На 15 јули 1099 година крстоносците го зазеле Ерусалим. Во градот живеело многубројно муслиманско население, со кое крстоносците сурово постапувале. Тие се договориле за административна поделба на Ерусалим. Биле поделени во две партии. Едната партија се залагала Ерусалим да се уреди како црковна република на чело со патријарх, а другата партија се залагала за световна власт во Ерусалим која на карјот победила.
Најпрвин управувањето со Ерусалим му било понудено на Рајмунд Тулуски но тој одбил. Потоа му било понудено на Роберт Нормандијски, но и тој одбил. На крајот за управување со градот прифатил Готфрид Бујонски, но одбил да се нарекува крал на Ерусалим туку чувар на божјиот гроб.
Борба за влијание меѓу Византија и крстоносците
Создавањето на независни кнежевства од страна на крстоносците ги загрозило интересите на Византија. Килиџ Арслан кој се повлекол во Иконион веќе не претставувал никаква опасност за Византија. Отакако Мала Азија повторно станала дел од Византија императорот се решил да ја освои и Сирија, Палестина и крстоносните кнежевства.
Тој решил да склучи сојуз со Турците. Истото го правеле и крстоносците. Императорот Алексиј испратил војска против кнезот на Антиохија, а била опсадена Лаодикеја, која што била заземена од Роберт Нормандијски. Заземањето на Антиохија од страна на Византија не му одело во прилог на антиохискиот кнез.
На страна на крстоносците застанале Џеновјаните и Пизанците кои испратиле свои бродови на Малоазискиот брег. Боемунд го протерал византискиот гарнизон од од Лаодикеја, а Пизанците ги нападнале приморските градови. Меѓу крстоносците со најголема војска располагал Боемунд, а останатите кнезови имале помалку војници. Боемунд сакал да го прошири своето влијание во Ерусалим, па заминал со 20 илјадна војска со цел да се поклони на Божјиот гроб. За нов ерусалимски патријарх бил избран Пизантскиот архиепископ кој бил човек на Боемунд. Тој сакал и на истокот да основа света столица слична на онаа во Рим и да ги потчини останатите кнежевства.
Емирот на Сивас Данишмендит Малик Газиј успеал да зајакне и станал силен противник на Боемунд. Тоа било вовед кон нов крстоносен поход.
(Подготвил: Д. Г.)