НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Македонија и НР Кина во 2001 г. ги обновија дипломатските односи кои беа раскинати поради „милијардата на Циле“

/ 18.06.2020

На 18 јуни 2001 година Република Македонија и Народна Република Кина ги обновија дипломатските односи, кои беа раскинати по познатата дипломатска авантура на Васил Тупурковски, позната како „милијардата на Циле“.

Тупурковски како тогашен лидер на партијата Демократска алтернатива (ДА) и висок функционер во Владата на Љубчо Георгиевски, чиј коалициски партнер беше ДА, беше креатор на признавањето на Република Тајван, а за возврат беше ветена инвестиција од една милијарда долари.

Но, наместо „милијардата на Циле“ веднаш по признавањето на Тајван, НР Кина, која не призна под уставното име Република Македонија, ги прекина дипломатските односи.

Истиот ден, на 18 јуни 2001 година, по обновувањето на дипломатските односи со НР Кина, Република Македонија и Република Кина Тајван ги раскинаа дипломатските односи.

Милијардата на Циле и тајванската авантура, за жал, завршија катастрофално за Република Македонија. Македонската северна граница остана необезбедена по ветото на Кина во Советот за безбедност и повлекувањето на превентивната мисија на Обединетите нации (УНПРЕДЕП).

Дипломатските односи со НР Кина, Македонија беше принудена да ги обнови во екот на воениот конфликт во 2001 година, откако безбедносната штета што беше направена веќе го загрози опстанокот на државата.

Подоцна за „милијардата на Циле“ имаше и судски процес против Васил Тупурковски и Јован Андонов Реган. Тие беа обвинети во процесот „Тајвански кредити“ дека во периодот од септември-октомври 1999-та година како први луѓе на Агенцијата за обнова и развој, потпишале штетни договори со осум фирми на кои, од тајванската линија на име кредит им дале околу три милиона долари, без гаранција.

Така од таа „тајванска авантура“, пред две децении, кога Тупурковски вети една милијарда долари инвестиции во Македонија, по признавањето на Тајван, кои никогаш не стигнаа, си создадовме само непријателство со НР Кина, која дотогаш принципиелно даваше поддршка на Република Македонија на меѓународна сцена.


Од истата категорија