Во кобна сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година загина македонската и балканската музичка мега-ѕвезда Тоше Проески.

Оваа трагична несреќа се случи на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка, во Хрватска. Тоше го загуби животот на местото на несреќата, а беа повредени неговиот возач и неговата менаџерка, кои заедно со него патувале од Белград кон Загреб.

Тоше Проески беше омилен пејач пошироко на Балканот, не само во Македонија, а го сакаат и младите и постарите.

Тој ги објавил албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004), „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“- хрватска верзија (2007), а изведувал и голем број странски хитови.

Тоше бил амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а постхумно е прогласен за почесен граѓанин на Македонија. Роден е на 25 јануари 1981 во Крушево.