На 23 декември 1906 година на врвот Петлец, кај беровското село Русиново, во борба против османлиската војска загинал Дамјан Груев, учител, еден од основачите на ВМРО во Солун, во 1893 година, истакнат организатор и раководител на националноослободителното движење на македонскиот народ на крајот на 19. и почетокот на 20. век.

Дамјан или Даме Груев, потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школувал во родното Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година бил учител во селото Смилево и во Прилеп.

Од летото 1894 година почнал да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Бил учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ.

Во август 1900 година бил уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година бил заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Бил претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој бил избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествувал.

По неуспехот на востанието ја продолжил својата револуционерна дејност. Во 1904 година претседавал на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време бил и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година. Роден е на 19 јануари 1871 година.

Во негова чест секоја година на местото на погибијата на Петлец се собираат македонски патриоти за да му оддадат почест.

На денешен ден во 1906 година кај беровското село Русиново, заедно со Даме Груев и со комитите Ѓорѓи Карчов и Ѓорги Поп Стојанов, во борба со турскиот аскер загина и Пиринскиот војвода Сандо Китанов.

Александар (Сандо) Китанов е македонски учител, револуционер и војвода.

Бил активен член на Македонската револуционерна организација (МРО), учесник во Аферата Мис Стон и четник во четите на Гоце Делчев и Крсто Асенов. По Илинденското востание бил војвода во Кукушко и во Малешевско.

Китанов е роден во 1881 година во горноџумајското село Лешко, Пиринска Македонија. Учел во егзархиското училиште во Горна Џумаја, а потоа во 1898 година завршил педагошко училиште во Скопје. Извесно време работел во родното место, а од 1900 година работел во егзархиското училиште во Горна Џумаја.

Во 1901 година Китанов учествувал во аферата Мис Стон. Тој станал комита во четите на Гоце Делчев и Крсто Асенов. По Илинденското востание бил војвода во Кукушко и во Малешевско. Го придружувал Даме Груев за време на неговата обиколка низ Македонија.

Во средината на делември 1906 година Санде Китанов заедно со Даме Груев, Горги Карчев. Георги Поп Стојанов, Владимир Чопов тргнале во правец на Малешевијата. Уште на самиот почеток тие биле поткажани и била организирана потера по нив. На 22 делември 1906 година четата ноќевала во беровското село Русиново, кое било опколено од многуброен аскер.

За да не настрада невино население, македонските револуционери другиот ден рано утрото на 23 декември 1906 година побрзале да се извлечат од селото при што дошло до престрелка. Прв бил убиен Георги Поп Стојанов, а потоа бил погоден и војводата Сандо Китанов, кој пред да почине извикал „Браќа умирам, да живее Македонија“. Првично Карчев и Даме Груев се извлекуваат но на стотина метри од врвот Петлец паѓаат во нова заседа и загинваат.

Нивната херојска смрт е опеана во малешевската народна песна „Низ Петлец идат трима војводи“

Низ Петлец идат трима војводи
идат и питат за Русиново.
Првиот беше тој Дамјан Груев,
вториот беше Атанас Карчев,
третиот беше Сандо Китанов,
идат и теглат за Русиново.

Куга спандаха во Русиново,
там ѝ дочека Коле Чукаров.
Ка ѝ дочека, они питаха
за чорбаџи Димо Алаџозов,
Алаџозов, прочут чорбаџија.

Куга четата ја разместиха,
војводите у Димо хојдоха.
Бог да убие наште ишпиони,
што предадоха славната чета,
славната чета, чујен војвода,
чуен војвода – Дамјан Груев!

Турци дојдоха, село заградиха,
Турци дојдоха, село опсадиха.
Догледала ѝ првата стража,
првата стража од бела скала,
па си соопшчава на војводата:

– Ајде војводо, ајде Дамјане,
Русиново здраво опсадено,
здраво опсадено од Турците,
Дамјан се спрема, хладно говори:
– Ајде другари, ајде четници,
дојде време борба ќе водиме,
борба ќе водиме в Русиново.

Дедо Димо вратата отвори,
ка врата отвори, пушка пукна,
пушка пукна – Димо мртов падна!
Димо падна, бабата му рипна,
бабата рипна и мртва падна,
Дамјан се реши, пушката зема:

– Ај со мене, ништо не чекајте!
Борба се почна, село се дими,
село се дими, децата пискат
децата пискат, мајките плачат,
четници излагат, кај ка може,
четници излават, се спасават.

Ка прирапаја прво ја паднал,
прво ја паднал Сандо Китанов,
Сандо Китанов прва жртва бил,
Атанас Карчев напред си врви
и след него иде Дамјан Груев,

Дамјан ранија, на Карчев дума:
– Оди Атанасе, спасавај се!
Спасавај се, кој како знае!
Карчев му вели, вели говори:
– Крачка не тргам јазе од тебе!

Карчев говори на Мирчо Чопов:
– Ти го знаеш, Мирчо, зборниот пункт,
не ме чекај, Дамјан не оставам.
Куга четниците излегоха,
Дамјан и Атанас останаха,
двата останаха дор погинаха,

Турци ѝ гонат, свето се памети!
Зачекала и онаја војска
турската војска од Безгашчево.
И они не се могли да идат,
они са душа они оставили
на Трнков преслав, при таја чешма.

Видеото од документарниот филм за овој историски настан може да го отворите ТУКА.

(Подготви: Д.Г.)