На 22 декември 1908 година во Велес е роден Кочо Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература.

Коста Апостолов Солев Рацин е основоположник на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ издадена во Загреб во 1939 г. претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен поезија Рацин пишувал и проза, а напишал и повеќе значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.

Псевдонимот Рацин го зел од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца, а кратко време го користел и псевдонимот Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.

Од историјата Рацин покажал посебен интерес за богомилското движење и напишал неколку трудови на таа тема: „Драговитските богомили“, „Богомилите“ и „Селското движење на богомилите во средниот век“.

Посебно вреди да се одбележи Рациновата теза дека „богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја“ („Богомилите“). Важно е да се нагласи и податокот дека Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење.

Според официјалната верзија за неговата смрт загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница на Лопушник во Кичевско на 13 јуни 1943 година.

Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.

Телото на Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки се пренесени во Велес, каде што се родил на 22 декември 1908 година.

Борец за македонската кауза

Рацин влегол во КПЈ од која подоцна бил исклучен, а влегувал и во битки против посрбувањето и побугарчувањето на македонскиот народ. Еве како му одговорил на Никола Вулиќ, српски археолог кој долго работел во Вардарска Македонија дали „Јужна Србија или Македонија“:

„За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во време кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие“, одговара Рацин.

Натаму македонскиот поет Рацин реплицира:

„Во периодот на националната преродба кога доаѓа тн. граѓанство свесно за својата положба дека треба да создаде национална држава, тоа настапува под паролата на сплотување на народот, со намера да ја обнови својата некогашна стара држава. Во тоа време од историската ризница извлекуваат тие називи. Кај Србите националното движење се јавува не само во Србија туку и таму каде што можеле слободно да се движат… Тие луѓе го зеле српското име бидејќи видел: ние бевме Срби… Тие луѓе тогаш српското име го обновиле и почнале да го обединуваат својот народ. Тоа е кога се обновуваат тие стари држави извлекувајќи го од својата историска ризница своето старо минато, врз основа на кое можат на другите народи да им кажат дека тие не се тоа што тие го сметаат, туку се тоа Срби, Бугари…“, вели Рацин.

И продолжува:

„Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. Вие веројатно помисливте дека е тоа влијание на туѓа пропаганда и во тоа е вашата грешка. По тоа ја имаме борбата на македонскиот народ и борбата на Бугарите и Србите за превласт над оваа земја. Таа борба се водела за копањето на историската тапија. Се работело на тоа да се владее над овој народ“, реплицира Рацин.

Тој продолжува:

„И Србите и Бугарите создадоа цели научни институти да го докажат правото да владеат над нашата земја. Македонците имаат нешто заедничко и со Бугарите и со Србите. Базирајќи се врз тоа, и вие сте дошле до погрешен резултат. Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот. Што се однесува до економската положба, таа постои како самостојна област. Го имаме Солун како центар на таа земја. Но, вие заостанавте исклучиво на историска почва, барајќи ја фамозната историска тапија…“, му одговорил Рацин на Вулиќ.

(Подготвил: Д. Г.)