На денешен ден во 1944 година во Охрид починал Кирил Прличев, деец на ВМРО и журналист, син на македонскиот поет Григор Прличев.
Учесник бил во Илинденското востание во четата на Христо Чернопеев. Бидејќи едно време бил протоѓеровист, во 1931 година под притисок на Иван Михајлов се откажал од политичката активност во редовите на Организацијата. За време на Втората светска војна бил директор на Музејот во Охрид. Роден е во Охрид, на 1 март 1875 година.
Кирил Прличев е македонски револуционер, член и раководител на Македонската револуционерна организација, син на великанот на македонската литература, Григор Прличев, и дедо на Кирил Прличев, писател и издавач кој живее и делува во Бугарија.
Револуционерна дејност
Бил комита во четата на Дедо Стоју Костов Скрижовски и како студент учествувал во Мелничкото востание. Во есента 1895 година бил назначен за учител во Воден. Тогаш веќе постоел комитет на Македонската револуционерна организација во градот, а Прличев им се придружил како еден од првите членови.
Како раководител на Организацијата во Воден, во 1896 година Прличев учествува на Солунскиот конгрес од 1896 година.
Го презел раководењето на Централниот комитет во 1901 во Солун по затварањето на Иван Гарванов. Прличев при раководењето со ЦК бил помаган од учителот Битраков и Владимир Куситасев, а постојано ги држел во тек Задграничните преставници. Прличев во Солун останал се до доаѓањето на Александар Чакаров од Струга.
Позната е приказната за жрепката која ја влечеле тој, Методи Патчев и Христо Узунов, со која требало да се одреди кој да го убие Димитар Грданов. Жрепката му паднала на Методи Патчев, и тој го извршува атентатот на 5 август 1898 во Охрид, активно помогнат од Прличев и Узунов, по што сите тројца се уапсени од турските власти.
Учесник е во Илинденското востание, како војвода во четите раководени од Христо Чернопеев.
Бил секретар на задграничното претставништво во Софија: првиот пат во 1902, вториот пат 1903 – 1905, кога раководители биле Христо Матов и Христо Татарчев и третиот пат 1915 – 1921, кога раководители се Тодор Александров и Александар Протогеров.
По расколот на во Македонската револуционерна организација се приклонил кон Конзеравтивното крило, a својата револуционерна дејност подоцна ја продолжил во ВМРО на Тодор Александров.
По убиството на Тодор Александров, во 1924 година, ја редуцира активноста во Организацијата. Во годините на расколот во ВМРО, го поддржува крилото на Протогеровистите, а во 1931, по личен налог и закана од Ванчо Михајлов, мора целосно да се повлече од револуционерната активност.
Поради десната ориентираност во раководните функции во ВМРО, тотално е маргинализиран од македонската историографија во периодот 1945 – 1990.
Општествена дејност
Студирал историја и филологија на Софискиот универзитет. Во текот на својот живот бил учител (учителствувал во градовите Воден, во Прилеп текот на 1901 година, по налог на Даме Груев, Цариброд, во Солун во Солунската машка гимназија, Софија и Стара Загора, бил училишен инспектор во градовите Воден и Солун, како и директор на пансионот за сираци во Софија), политичар (од 1908 година бил секретар на Соjузот на бугарските конституциони клубови во Солун после Младотурската револуција), новинар, писател, преведувач.
Во 1923 година во Софија учествува во основањето на Македонскиот научен институт. Од 1941 година па до смртта раководел со Охридскиот музеј, кога ги пронаоѓа моштите на Свети Климент Охридски.
Позната е неговата активност во големата масонска ложа на Бугарија Светлина, која датира уште од 1923 година, иако постојат индиции дека бил член на истата многу порано.
Од 1935 до смртта во 1944 Прличев е директор на бугарскиот Институт за слепи.
Неговите мошти се наоѓаат во дворот на црковниот комплекс „Св. Богородица Перивлепта“ (Св.Климент) во Охрид, положени во истиот гроб со оние на неговиот татко, Григор Прличев.
(Подготвил: Д. Г.)