На денешен ден 22 јули (според некои извори на 21 јули) во 356 п.н.е. во градот Пела, во Егејска Македонија, е роден Александар Македонски, една од најпознатите личности на стариот век, војсководец и државник, кој од малечката Македонија создал светска сила.

Според разни извори има различни датуми, како за раѓањето, така и за неговата смрт. Го поразил огромното персиско царство и во својот поход стигнал до Индија, а умрел во Вавилон, на 13 јуни 323 г.п.н.е.

Александар се родил од бракот на македонскиот император Филип Втори и епирската принцеза Олимпија, на почетокот на месецот хекатомбајон кој Македонците го нарекувале лоос и тоа во шестиот ден, кога во Ефес е запален и храмот на Артемида.

Плутарх наведува дека неговото раѓање им било претскажано на Филип и Олимпија. Таа сонувала дека еден гром удрил во нејзиното тело и целата ја запалил. Филип, пак, сонувал сон во кој ја запечатил утробата на Олимпија со еден печат на кој имало отпечаток со лав.

Кога му ги раскажале соништата на дворскиот пророк Аристандар од Телмес, тој веднаш заклучил дека Олимпија е бремена и носи дете кое ќе има лавовски карактер. Истиот ден кога му се родил првиот син, кај Филип стигнале гласници кои го известиле за победата над Илирите и за победата на неговиот коњ на Олимписките трки.

Ученикот генијален војсководец, учителот генијален филозоф

Посебните особини кои Александар ги покажувал од мал ја оправдале надежта на Филип дека во неговиот син се наоѓа посакуваниот наследник. Александар во него ги споил многуте карактерни црти од обата свои родители. Од неговата мајка, темпераментна жена, ја наследил страсната и помалку тврдоглава личност, ирационален копнеж за непознатото и верба во посебна херојска слава.

Од татко си ја презел нескротливата волја и енергија, нескротилив карактер, храброст, слава, војнички дар и извонредно практичен дух. Неговата мајка му била поблиска по душа и влијанието на оваа жена оставила неизбришлива трага врз него. Татковиот пак, дипломатски, војнички и политички успех го поттикнало неговото честољубие и ги разгорил неговите соништа за водство и слава. Кај Плутарх се спомнува дека „Александар не сакал да го добие од својот татко златото, раскошот и уживањето, туку го сакал кралството кое ќе му пружи можност за борби, војни и дела полни со чест и слава“.

Александар ја имал и среќата да стане ученик на еден од најголемите филозофи во антиката. Кога Александар имал четиринаесет години, Филип на Аристотел му го доверил воспитувањето на својот син. Аристотел тогаш имал околу четириесет години и се уште бил далеку од неговата понатамошна слава. Средбата на Аристотел со младиот Александар се прикажува како „еден од најголемите моменти во историјата на човештвото“. Иако Александар тогаш уште бил дете и потенцијален престолонаследник, а Аристотел уште не ја започнал неговата плодна научна дејност која ќе го прослави низ вековите, подоцна првиот ќе стане генијален, херојски настроен војсководец и обединител на Азија и Европа, а вториот – генијален филозоф.

Кралот на Македонија суров со Тебанците и Атињаните

Во политички поглед, вистинско разбирање меѓу Александар и неговиот учител немало никогаш. Во својот став кон Варварите, Александар повеќе бил следбеник на Антистеновата школа која била долга традиција на македонскиот двор, а не на Аристотеловата. Аристотел останал на македонскиот двор до стапувањето на Александар на престолот на Македонија, но неговата наставничка мисија траела најмногу уште три години.

Младиот владетел и покрај подучувањата од Аристотел останал варварин, се научил да ја почитува културата на Хелада. Во моментот на најголемата слава, во Александар победил духот на Истокот. Тој покрај повеќето жени се оженил и со ќерката на Дариј III, ја зел персиската круна и се облекувал како персиските кралеви, го вовел во Европа источниот поим „крал по милост Божја“ и најпосле ја запрепастил Хелада кога во величенствен стил изјавил дека тој е бог. Хелада на тоа се смеела, а Александар се опивал до бесвест.

Александар станал крал на Македонија во 336 п.н.е., на 20-годишна возраст, по убиството на неговиот татко Филип II. Грчките градови како Атина и Теба, кои морале да му се покоруваат на Филип, виделе можност да си ја повратат целосната независност во доаѓањето на младиот крал. Александар на тоа брзо се спротивставил и Теба, која била најактивна против него, веднаш се предала кога тој со својата војска се појавил пред нејзините порти. По ова, грчките градови, на собирот кај Коринтскиот Провлак, со исклучок на Спартанците, го избрале за командант против Персија, како што претходно бил и татко му Филип.

Следната година (335 п.н.е.) Александар ги нападнал Тракијците и Илирите за да ја обезбеди северната граница на Македонија до Дунав. Додека тој победнички војувал на север, Тебанците и Атињаните повторно се побуниле. Александар реагирал веднаш и сурово: Теба, која давала најсилен отпор, била освоена со големо крвопролевање, градот бил разурнат, а неговата територија разделена меѓу останатите беотијски градови. Тебанците биле продадени во ропство, а само свештениците, потомците на поетот Пиндар, и приврзаниците на Македонија биле поштедени.

Поход кон Персија и битката со Дариј Трети

Армијата на Александар ги минала Дарданелите со околу 42.000 војници од Македонија, разни грчки градови-држави, како и платеници и пратеници од Тракија, Пајонија и Илирија. По почетната победа против персиските сили во битката кај Граник, Александар го прифатил предавањето на провинциската престолнина и богатствата на градот Сардис.

Во античкиот град Гордиум, Александар го одврзал дотогаш нерешливиот Гордиев јазол, загатка која според легендите била решлива само од идниот „крал на Азија“. Според една од приказните, тој едноставно го пресекол јазолот со сабјата. Според друга, го одврзал така што го извадил делот од двоколката околу кој бил врзан.

Армијата на Александар ги минала Цилицијските порти, ја сретнала и поразила главната персиска војска под команда на Дариј III во битката кај Ис (денес во Турција, на границата со Сирија) во ноември 333 п.н.е. Дариј бил принуден да побегне од битката откако неговата армија се распаднала, и бегајќи ги напуштил сопругата, две ќерки, мајка му Сисигамбa и непроценливо богатство.

Подоцна, тој му понудил мир на Александар, предавање на сите земји кои овој веќе ги освоил и откуп од 10.000 таленти за своето семејство. Александар му одговорил дека бидејќи сега е тој крал на Азија, тој ќе решава за поделбата на земјата. Продолжувајќи по брегот на Средоземното Море ги освоил градовите Тир (во денешен Либан) и Газа по познатите опсади.

Во 332 п.н.е. Александар се обидел да ја освои Нубија, но наишол на силна воена формација предводена од кралицата Кандас, па решил да ги упати своите сили кон Египет. Во таа 332 и следнатa 331 година, Александар бил добредојден како ослободител на Египет, кој до тогаш бил окупиран од Персија. Бил прогласен за син на Амон (египетски бог на сонцето) од египетските свештеници во пророчиштето во оазата Шива во Либијската пустина. Ја основал Александрија во Египет, која подоцна, по неговата смрт, станала напреден главен град на Птолoмејската династија.

Напуштајќи го Египет, Александар продолжил кон Асирија и на 1 октомври 331 п.н.е. го победил Дариј уште еднаш. Повторно Дариј бил принуден да побегне од бојното поле, но овојпат Александар го следел до Арбела, откаде овој пребегнал во Екбатана (денешен Иран).

Повеќе градови со името на Александар

Потоа Александар тргнал кон Вавилон. Од Вавилон, Александар се упатил во Суса, еден од главните градови на Персија, и го освоил неговото легендарно богатство. Испраќајќи ја главнината од својата војска кон главниот град на Персија Персеполис, Александар ги нападнал и освоил Портите на Персија (денес планината Загрос), а потоа побрзал кон Персеполис пред неговата војска да го опљачка богатството на градот.

По освојувањето на Персеполис, Александар ја продолжил потерата по Дариј. До тогаш, персискиот крал веќе бил заробен од Бесус, неговиот бактријски сатрап и сонародник. Додека Александар наближувал, Бесус наредил да го убијат Дариј, а потоа, прогласувајќи се за негов наследник под името Артаксеркс 5, се повлекол во централна Азија од каде организирал напади против Александар. Со смртта на Дариј, Александар ја прогласил одмазничката војна за завршена, и ги ослободил своите грчки и други сојузници од својата војска, но им дозволил на доброволците да останат како платеници.

Неговата понатамошна тригодишна воена кампања, прво против Бесус, а потоа и против Спитамен, сатрап од Согдијана, го одвела Александар низ повеќе делови на денешен Авганистан и Таџикистан. Притоа, формирал повеќе градови со името Александрија, од кои некои постојат и денес, на пример Кандахар во Авганистан и Хуџанат во Таџикистан. Во тие походи, неговите противници биле поразени: Бесус во 329, а Спитамен во 328 г.п.н.е.

Победил и со рана во рамото од копје

По смртта на Спитамена и бракот со Роксана (Рошанак на бактриски), Александар ги зацврстува своите нови позиции во Централна Азија. Во 326 п.н.е. Александар конечно е подготвен да се посвети на освојувањето на Индија. Тој ги повикува сите водачи на племињата од Гандара, територија на север од денешен Пакистан, да му се покорат и да тргнат со него. Амби, владетелот на Таџила, чие кралство се простирало од Инд до Џелам, така и направил. Но водачите на некои кланови, како Асапсиос и Асакеноис, познати во индиските текстови како Ашвајани и Ашвакајани (имињата асоцираат на природата на нивните заедници, на санскритски јазик Ашва значи коњ), одбиле да се покорат.

Александар лично ја преземал командата над штитоносците, пешадијата, стрелците, Агријанците и коњаниците, и со нив тргнал во напад на кланот Аспасиос во долините Алишанг и Гуреа, како и на кланот Асакеноис во долините Сват и Бунер. Според современите историчари, било доста тешко за Александар да ги покори овие племиња, меѓу кои племињата Масага и Аорну дале силен отпор. Посебно драматични биле борбите со кланот Аспасиос, во кои Александар бил ранет во рамото со копје, но сепак кланот ја загубил битката, а 40.000 воини биле заробени.

Асакеноисите му се спротивставиле на Александар со армија од 30.000 борбени кочии, 38.000 пешадија и 30 слонови. Тие се бореле храбро и пружиле силен отпор во многу утврдени места како што биле градовите Ора, Базира и Масага. За да се скрши жестокиот отпор кај утврдувањето Масага биле потребни неколку дена жестока и крвава битка во која Александар бил сериозно ранет во потколеницата. Кога поглаварот на Масага загинал во битката, командата над неговата војска ја презела неговата мајка Клеофис, која исто така била цврсто решена да ја брани својата татковина до последниот здив. Примерот со Клеофис кажува дека во битката исто така била вклучена и женската популација на утврдувањето. Александар за да ја совлада Масага морал постојано да врши дотур на свежа војска со цел да го одржи моралот на својата војска.

Импресиониран од храброста на Пор

При крајот на битките кои ги водел Александар во Масага и Ора, голем број на Акакеносите се префрлиле во утврдувањето високо во планините наречено Аорнос. Александар постојано бил зад петици на овие трупи. Само после четири дневна крвава битка Александар го зазел и ова утврдување кое се сметало за неосвоиво. Пустошења како во Масага се повториле и во Аорнос.

Пишувајќи за битките на Александар против Асакеносите, Виктор Хансон вели: „Иако им ветил на опколените Асакеноси дека ќе им ги поштеди животите ако се предадат, тој ги погубил сите војници кои биле заробени. Нивните упоришта во Ора и Аорнус исто така биле разрушени.“

Сисикотос, кој му помогнал на Александар во овие битки, подоцна бил назначен за владетел на Аорнус.

Откако го совладал Аорнус, Александар ја преминал реката Инд и влетал во битка против Пор, владател на територијата Пенџаб во битката кај Хидасп во 326 п.н.е.

После победата, Александар бил импресиониран од храброста на Пор во битката, па затоа влегол во сојуз со него назначувајќи го за управител на неговото кралство, дури и придодавајќи му во владение и територии кои претходно Пор не ги владеел. Потоа Александар изградил два нови града, од кој едниот го именувал Букефал, во чест на неговиот коњ кој го донел него до Индија, а загинал во Битката кај Хидасп. Александар продолжил со освојувања на сите утврдувања покрај реката Инд.

Источно од кралството на Пор, близу до реката Ганг, се наоѓало моќното царство на Магада под владение на династијата Нанда. Стравувајќи од судир со уште една моќна индиска војска, изморена од повеќегодишните воени походи, војската на Александар запира кај реката Биас одбивајќи да маршира понатаму кон исток. Така оваа река ја означува и границата до каде војската на Александар продрела на исток.

По битката со Пор, моралот на војската на Александар опаднал за понатамошни походи. А покрај тоа, тие требало да се соочат со далеку помоќен непријател. Војската на Александар имала на располагање околу 20-илјадна пешадија и околу 2.000 коњаници. Војската отворено се спротиставила на инсистирањето на Александар да ја преминат и реката Ганг. А пак од другата страна на реката ги чекала силна армија од добро вооружени и воинствени пешадијци, коњаници и слонови.

Низ пустината изгубил многу војници

Александар, после состанокот со неговиот офицер Коенус, бил убеден да се откаже од понатамошни походи и да се вратат назад. Александар бил приморан да сврти на југ. На патот кон југ војската се судрила со кланот Мали, еден од највоинствените во Индија во тој период. Но војската на Александар после жестоките битки го покорува кланот Мали. Во едне од налетите на утврдувањета Александар бил сериозно ранет од стрела.

Поголемиот дел од својата армија Александар ја насочува кон Карманија (во денешно време јужниот дел на Иран) на чело со генералот Кратер, а еден дел гради флота за да го истражи Персискиот залив под водство на адмиралот Неарх, додека со останатиот дел од војската се враќа назад во Персија по јужната рута низ пустината Гедрозија (во денешно време дел од јужен Иран и Макран во јужен Пакистан). Патувањето низ пустината траело околу 60 дена и во текот на нејзиното поминување умираат околу 3/4 од Александровата војска.

Александар дел од своите сили оставил во Индија. На територијата на Инд, тој го именува неговиот офицер Пејтон како сатрап, позиција која тој ја задржал следните десет години се до 316 п.н.е., а во Пенџаб тој го оставил генералот Еудемус како командат на војската под владение на Пор и Таџили.

Патувајќи кон Суса, Александар открил дека многу од неговите сатрапи и воени управници лошо се однесувале во негово отсyство и казнил со смрт извесен број од нив. Во знак на благодарност, ги платил долговите кон војниците и објавил дека ќе ги испрати постарите и осакатените ветерани назад во Македонија под водство на Кратер. И покрај тоа, војската се побунила во градот Опис, одбивајќи да биде испратена назад и критикувајќи ги неговите новоусвоени персиски обичаи, како и воведувањето на персиски офицери и војници во војската. Александар ги погубил водачите на бунтот. Во обид да воспостави трајна слога помеѓу македонските и персиските граѓани, организирал и масовна венчавка помеѓу македонските офицери и персиските и други благороднички од Суса, но изгледа мал број од тие бракови траеле повеќе од една година.

Неговите обиди да ги обедини македонската и персиската култура вклучувале и македонска воена обука за персиските момчиња.

Се мисли и дека Александар сакал да го освои и присоедини и Арапскиот Полуостров, но оваа теорија не е потврдена. Се претпоставувало и дека Александар може да се упати на запад и да ги нападне Картагина и Италија.

По патувањето во Екбатана за да го преземе најголемиот дел од персиското богатство, неговиот најдобар пријател Хефестион умрел од болест, или можеби од труење. Александар тагувал по умрениот пријател 6 месеци.

На 10 или 11 јуни 323 г. п.н.е, Александар починал во Вавилон. Тоа било само еден месец пред да наполни 33 години. Постојат различни теориии за причините на смртта. Некои сметаат дека Александар бил отруен од синот на Антипатер или од некој друг. Друга теорија е дека починал после пијанствата претходните денови. Други сметаат дека починал од маларија од која се има заразено во 336 г. п.н.е.

Останал без наследник

Непосредно пред неговата смрт, неговите генерали го запрашале кој треба да го наследи неговото царство. Бидејќи Александар немал очигледен и легитимен наследник (неговиот син Александар IV ќе се роди после неговата смрт, а неговиот претходен син бил роден од страна на негова конкубина, не жена), тоа било прашање од голема важност. Постојат повеќе дебати за тоа што им одговорил Александар на своите генерали. Некои веруваат дека Александар рекол, „Кратисто“ (што значи „на најсилниот“) или „Крат’ерои“ (на силниот).

Повеќе учени веруваат дека Александар имал намера да избере некој од неговите генерали, а очигледен избор бил Кратер, бидејќи тој бил командат на најголемиот дел од армијата и се докажал како брилијантен командат. После ваквиот одговор на Александар кој им го дал на своите генерали, најверојатно Кратер бил убиен пред воопшто да биде во можност да организира церемонија по повод неговото назначување.

Александар бил опишан од Аријан како: „Силен, убав командант со едно око темно како ноќта и едно сино како небото“.

Александар се оженил двапати: со Роксана, поради љубов; и со Статејра II, персиската принцеза и ќерката на Дариј III од Персија, од политички причини. Се верува дека тој имал два сина, Александар IV Македонски од Роксана и, можеби, Херакле Македонски од Барсина.

Александар Македонски постои како митска личност во митовите на многу европски, азиски и африкански народи.

Сепак, за него постојат и негативни коментари од некои значајни личности: така, поетот Лукан го нарекувал Александар Македонски „среќниот пљачкаш“ (felix praedo), додека Сенека го нарекувал „разбојник и пустошник на народите“ (latro gentiumgue vastator).

(Подготви: Д.Г.)