– Национален празник на Кенија

1642.- Холандскиот морепловец Абел Тасман го откри островот Нов Зеланд, кој се наоѓа во југозападниот дел на Тихиот Океан, југоисточно од Австралија. Британска колонија е од 1841 година, а британски доминион е од 1907 година, кога влезе во составот на Британската заедница на народите на независна држава.

1821.- Во Руан е роден Гистав Флобер, француски писател, еден од основачите на реализмот во француската литература. Беше песимист, скептик и непристрасен набљудувач на фактите. Како противник на граѓанското лицемерие, врвно ги сликаше секојдневниот живот и личностите од провинцијата. Напиша две театарски дела, неколку новели и остави многу значајни обемни дела. Негови најзначајни дела се романите „Сентиментално воспитување“, „Госпоѓа Бовари“, „Саламбо“ и „Искушението на Антони“. Умрел на 8 мај 1880 година.

1866.- Во Ресен е роден Андреј Тасев Љапчев, истакнат политичар и државник од Бугарија со потекло од Македонија. По Првата светска војна бил избран за министер за одбрана на Бугарија, а во 1926 година е избран за премиер на Царството Бугрија и на таа позиција останал до 1931 година. Во историјата е запаметен по неговата политичка максима „Со кроце, со арно и со малку ќотек“.

1922.- Во Бенешов, кај Прага, е роден Франтишек Вацлав Мареш, чешки професор по славистика на Виенскиот универзитет, научник од светски ранг кој има извонредни заслуги за афирмацијата на македонистиката во светот. Беше член надвор од работниот состав на МАНУ. Умрел во Виена, на 3 декември 1994 година.

1929.- Роден е Џон Озборн, англиски драмски писател. Се прослави со драмата “Сврти се во гневот”, во која го опишува револтот на својата генерација (млади гневни луѓе) против уништената младост и хаотичната иднина на современиот свет.

1948.– Роден е Срѓан Керим, македонски политичар, амбасадор, министер и претседател на 62. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации од 18 септември 2007 до 16 септември 2008. Во 2003 година е назначен за специјален претставник на WAZ Media Group за Југоисточна Европа и генерален директор на „Ost Holding GmbH,“ со седиште во Виена. Од 2003 до 2012 година тој беше генерален Директор на подружницата „Медиа Принт Македонија.“Срѓан Керим беше кандидат за Генерален секретар на ООН во изборниот процес во 2016 година.

1963.- Кенија стана независна држава и беше прогласена за република во рамките на британскиот Комонвелт.

1974.- Генералното собрание на ООН ја усвои Повелбата за економските должности и правата на државите.

1979. – НАТО дозволи инсталирање на евроракети во Европа.

1983.- Во Скопје умре Дарко Дамески, еден од најистакнатите македонски театарски, филмски и телевизиски актери. Во 1952 година ја заврши Државната средна театарска школа во Скопје. Беше член на Драмскиот ансамбл на Македонскиот народен театар во Скопје. Во 1964 година, Дамески стана член на Драмскиот театар на чија сцена оствари четириесетина ликови во кои дојде од израз приврзаноста кон театарската уметност. Во историјата на македонскиот филм неговото име е забележано уште во самите почетоци во “Волчја ноќ “, а потоа следуваат уште триесетина главни улоги, речиси во сите македонски филмови. Ликот на Дарко Дамески беше присутен и на малиот екран, почнувајќи од првите ТВ драми на ТВ Скопје, до речиси сите телевизиски серии и други позначајни емисии и проекти. Последните години од животот ги посвети на монодрамата преку која остваруваше најширок контакт со публиката. Роден е во Прилеп, на 12. мај 1932 година.

1993.- Во Будимпешта, од срцев удар почина премиерот на Унгарија, Јожеф Антал.

1997.- Во Париз почна судењето на Карлос Шакалот, “професионален револуционер” од Венецуела, чие вистинско име е Илич Рамирез Санчез. Тој е обвинет за некои од најспектакуларните герилски операции во 70-те и 80-те години.

1997.- Пијаното на познатиот композитор и диригент, Леонард Бернштајн на една аукција во Сотби е продадено за 387.500 американски долари.

1999.- Во Скопје е основана Обединета партија на Ромите во Македонија. За претседател е избран Неждет Мустафа.

2000.- Етиопија и Еритреја во Алжир потпишаа мировен договор со кој формално заврши двегодишната погранична војна во која загинаа десетици илјади луѓе.

2001.- По дводневното судење, францускиот мајор Пјер Анри Бинел е осуден на пет години затвор, од кои три условно, заради оддавање воени тајни околу подготовките на НАТО за бомбардирањето на Србија (СРЈ) во 1998 година.

2003.- Умре азербејџанскиот државник Хајдар Алиев, претседател на Азербејџан до пред самата смрт, кој повеќе од три децении беше клучен фактор во азербејџанската политика. Пред смртта обезбеди на функцијата претседател на државата да го замени неговиот син.

2007.- Умре Ајк Тарнер, американски музичар, еден од пионерите на соулот и рокенролот, лидер на групата „Kings of Thuthm”. Беше добитник на наградите Греми во категоријата традиционален блуз за албумот “Sisin” With the Blues”. Роден е на делтата на Мисисипи, колевката на американскиот блуз. Многумина го сметаат за творец на новиот музички жанр. Со поранешната сопруга Тина Тарнер снимија низа хитови, од кои најпознати се “River Deep Mountain High”, “Littl Ann”, “A Fool In Love”, “Nuthbush City Limits” и “Proud Mary”, за кои ја добија првата Греми во 1972 година.