14 ноември 2018

– Светски ден на дијабетесот

565.- Умрел византискиот цар Јустинијан I  наречен Велики, кој се прославил со кодификацијата на римското право, голем градител и освојувач. Во 537 година ја изградил црквата Аја Софија, најголема во Константинопол, која по освојувањето на градот во 1453 година Турците ја претвориле во џамија. Кемал Ататурк од неа направил музеј.

1263.- Умрел Александар Невски, новгородски кнез, руски војсководец и познат руски народен јунак. Ја победил шведската војска на реката Нева во 1240 година, а во 1242 година ги поразил германските рицари „Мечоносци“ на замрзнатото Чудско Езеро и така го запрел германското средновековно напредување кон исток. Роден бил на 30 мај 1220 година.

1533.- Шпанските освојувачи под командата на Франциско Пизаро го зазеле градот Куско, престолнина на царството на Инките.

1716.- Умрел Готфрид Вилхелм Лајбниц, германски математичар и филозоф. Покрај овие две науки се занимавал и со хемија, историја, биологија, психологија, политика и со рударство. Во многу од овие области дал значаен придонес. Тој бил конструктор на сметачка машина што можела да собира, одзема, множи, дели, степенува и вади квадратен и кубен корен. Позната е неговата филозофска мисла: „Постојниот свет е најдобар од сите можни светови“. Роден бил на 1 јуни 1646 година.

1770.- Шкотскиот истражувач Џејмс Брус открил дека Синиот Нил извира од езерото Тана во северозападна Етипија.

1765.- Роден е Роберт Фултон, северноамерикански инженер и пронаоѓач.Ја конструира првата машина за предење на лен, во 1807 година го изградил првиот употреблив параброд „Клермонт“, кој запловил во реката Хадсон кај Њујорк, а творец е и на првиот воен брод на пареа. Умрел на 24 февруари 1815 година.

1831.- Во Берлин умрел Валхелм Фридрих Хегел, најистакнат претставник на германската идеалистичка филозофија. Со своите сфаќања за дијалектиката, тој извршил позитивно влијание врз напреднатата европска и светска мисла. Негови најпознати дела се „Филозофија на духот“, „Логика“, „Естетика“ и други. Роден бил во Штутгарт, на 27 август 1770 година.

1840.- Роден е францускиот сликар Клод Моне, еден од основачите на импресионизмот. Според неговата слика „Импресија, изгревање на сонцето“, изложена во 1874 година во Париз, целиот сликарски правец го добил називот импресионизам, чиј најдостоен и највлијателен претставник бил самиот тој. Извршил огромно влијание врз европското сликарство.

1863.- Роден е белгискиот хемичар Лео Бакеланд. Лео Бакеланд го открил бакелитот, кој е совршен изолатор, а тоа овозможило развој на пластичната индустрија.

1884.- Умрел Алфред Едмонд Брем, германски природонаучник и зоолог. На патувањата низ Европа, Африка и Мала Азија собрал огромен материјал и го објавил во своите дела за животните „Животинско царство“, „Животот на птиците“ и „Шумски животни“.

1889.- Роден е Џавархарлал Нехру, индиски државник, еден од основачите на политиката на неврзувањето. Бил близок соработник на Ганди. По завршувањето на Втората светска војна станал премиер и министер за надворешни работи во Индија, тогаш уште британски доминион, а од 1950 година претседател во Владата на независна Република Индија. Го формирал таканаречениот индиски пат во социјализмот и како протагонист на антиблоковската политика останал еден од најсветлите ликови на современата светска историја. Умрел на 27 мај 1964 година.

1891.- Роден е канадскиот филозоф Фредерик Грант Бантинг, кој заедно со Чарлс Бест во 1921 година  со инсулинот овозможиле лекување на таа дотогаш смртоносната шеќерна болест. Во 1923 година заедно со Џонсон Меклаунд ја добил Нобеловата награда за медицина, но сметајки дека за инсулинот е повеќе заслужен Бест од Меклаунд, својата награда ја поделил со Бест.

1897.- Во ноќта меѓу 14 и 15 ноември една разбојничка група од Бугарија, која броела 26 лица, раководена од Коте Голчев од Берово, извршила напад на куќата на Ќазим бег во Виница. Поради отпорот што го дал Ќазим бег, почнала борба во која тој бил убиен. Разбојниците ограбиле пари и скапоцености во вредност од околу 600 турски лири. Уште при влегувањето во Виница, разбојниците го убиле полјакот Ѓорѓи, кој бил член на ТМРО. Така почнала таканаречената „Виничка афера“, што имало големи последици за ТМРО и за населението од тој крај.

1922.- Роден е египетскиот дипломат Бутрос Бутрос Гали, генерален секретар на Обединетите нации од 1992 до 1996 година.

1935.- Претседателот на САД Френклин Рузвелт објавил дека во 1946 година Филипини ќе добијат независност. До 1898 година Филипини биле шпанска, а потоа колонија на САД.

1935.- Роден е јорданскиот крал Хусеин, владетел со „најдолг стаж“ во арапскиот свет. На престолот на Јордан стапил во 1952 година, со неполни 17 години.

1940.- Во напад на германската авијација во Втората светска војна врз британскиот град Ковентри загинале повеќе од илјада луѓе и била разурната средновековна катедрала (соборна црква).

1941.- Во близина на Гибралтар во Втората светска војна потонал британскиот носач на авиони „Арк Ројал“ кој претходниот ден бил торпедиран од германска подморница.

1944.- Група македонски актери организирани во полупрофесионалниот ансамбл „Кочо Рацин“ во Битола, на македонски јазик ја извеле едночинката „Ѓоре Магаревски“, од современиот македонски писател Владо Малески. Со тоа било означено раѓањето на Народниот театар во Битола и раѓањето на драмската уметност во Македонија.

1948.- Роден е англискиот принц Чарлс, наследник на британскиот престол.

1951.- Во Милфорд, САД, умрел Луј Адамич, американски писател од словенечко потекло. За време на Втората светска војна своите литературни и политички сили ги посветил на НОВ на народите на Југославија. Роден бил во Блато, Словенија, на 21 март 1898 година.

1955.- Умрел американскиот писател Роберт Емет Шервуд. Тој во драмите пишувани по Првата светска војна се осврнува на пацифичките повоени разочарувања и се залагал за мир во светот. Подоцна, соочен со навлегувањето на нацизмот, се залагал за војна со која светот би се ослободел од нацистичката тиранија. Дела: „Идиотовата радост“, „Нема да има ноќ“, сценарио за филмовите „Духот патува на Запад“, „Најдобрите години од нашиот живот“.

1970.- Од циклонот што зафатил делови на Источен Пакистан загинале околу 175.000, а исчезнале околу 3.000 луѓе.

1984.- Во Лос Ангелес бил уапсен нацистичкиот воен злосторник Андрија Артуковиќ, министер за внатрешни работи на Независна Држава Хрватска во Втората светска војна. Живеел во САД од 1948 година каде стасал со лажно име. Американските власти упорно се оглушувале на барањето на Југославија за екстрадиција, па дури на 12 февруари 1986 година го испорачале. На судењето во Загреб бил обвинет за некои поединечни злодела, но не и за геноцидот врз Србите, Евреите и Ромите. На 14 мај 1986 година бил осуден на смрт, но казната не беше извршена. Умрел во затвор неполни три години подоцна.

1988.- Палестинското собрание ја прифатило резолуцијата 242 на Обединетите нации со што посредно го признало Израел и се одрекло од тероризам.

1989.- Црнечкото движење СВАПО убедливо победило на првите избори во Намибија.

1991.- По цели 13 години бегство, принцот Нородом Сиханук се вратил во Камбоџа.

1994.- Тропската бура „Гордон“ усмртила најмалку 829 луѓе на Хаити.

1995.- На свечен начин во Индустриско-трговската комора на Руската Федерација, на претставникот на Стопанската комора на Македонија во Москва, му биле предадени акредитивите, со што и официјално било регистрирано нејзиното претставништво.

2001.- Пет репулбики наследнички на СФРЈ се договориле за наследство од 74,5 милиони долари монетарно злато. Првиот дел од останатиот имот на поранешната заедничка држава бил проценет на околу две милијарди долари.

2002.- Првпат во историјата на папството, поглаварот на римокатоличката црква се обратил во италијанското собрание.

2002.- Потпретседателот на Кина Ху Џинтао станал новиот генерален секретар на Комунистичката партија на местото на Џанг Цемин кој со целата стара гарда се повлекол по 16. конгрес на владејачката партија.

2006.- Собранието на Јужна Африка ги легализирало хомосексуалните бракови.

2015.- Во терористичките напади во Париз кои се случија доцна во ноќта меѓу 13 и 14 ноември на повеќе места во центарот на Париз и во близина на Стад де Франс загинаа 132 лица, над 352 се ранети. Во нападите се убиени осуммина терористи, од кои седуммина извршиле самоубиствени напади со активирање експлозив. Во текот на ноќта француските власти ги повикаа жителите на Париз да не излегуваат на улица и да останат смирени. Според сведоците на нападите, напаѓачите викале дека нивната акција била во името на она што се случува во Сирија и Ирак, што го дава потписот на Исламската држава.