На денешен ден – 19 март
19 март 2019
1519.- Роден е францускиот крал Анри Втори, татко на трите крала – Франсое Втори, Шарл Деветти и Анри Трети. Во текот на владеењето од 1547 до смртта во 1559 година, со поддршка на сопругата Катерина од Медичи, започнал со систематското прoгонување на хугенотите (француски протестанти) со што во 1562 година ја предизвикал верската војна која Франција ја потресувала цели 36 години.
1628.- Англичаните во Америка ја основале колонијата Масачусец.
1711.- Почнала Руско-турската војна.
1812.- Шпанското собрание (кортес) во Каса усвоил либерален устав. По враќањето на престолот во 1813 година кралот Фердинанд Седми го укинал уставот и го обновил стариот поредок, но по избувнувањето на востанието во 1820 година, под притисок на востаниците го вратил на сила.
1813.- Роден е Дејвид Ливингстон, шкотски истражувач на африканскиот континент. Ги открил Викторините водопади, езерото Њаса и многу други езера. Повеќе од 30 години престојувал во Африка. Умрел во 1873 година и како најголем британски истражувач на Африка бил погребан во Вестминистерската катедрала во Лондон.
1817.- Во Братислава е роден Јосиф Милослав Хурбан, словачки писател, критичар и историчар. Најпознати негови дела се „Словачка и нејзиниот културен живот“, „Биографија на Људевит Штур“ и други. Умрел во 1888 година.
1821.- Роден е англискиот истражувач, писател, преведувач и дипломат Ричард Бартон, прв Европеец кој предводејќи ја експедицијата со Џон Ханинг Спик во 1858 година го виде езерото Тангањика во Африка. Работеше во британската војска во Индија, а бил и конзул во Бразил, Сирија и во Италија. Како исклучителен полиглот многу преведувал, вклучувајќи ги прекрасните преводи на арапските приказни „Илјада и една ноќ“ во 16 тома и „Миризливата градина на шеикот Нефзау“. Напишал повеќе од 50 патописни книги од различни делови на светот.
1872.- Роден е рускиот балетски кореограф Сергеј Павлович Ѓагиљев, еден од најголемите во историјата на балетот, основач на прочуената група „Руски балет“, која со исклучителен успех настапувала од 1909 до 1920 година.
1873.- Роден е Макс Регер, германски композитор, пијанист и музички педагог, претставник на доцниот романтизам. Умрел на 11 мај 1916 година.
1900.- Роден е францускиот нуклеарен физичар и хемичар Жан Фредерик Жолио, познат како Жан Фредерик Жолио Кири, кој заедно со сопругата Ирена, ќерка на нобеловците Пјер и Марија Кири, во 1935 година ја поделија Нобеловата награда за хемија. Први ги создале вештачките радиоактивни супстанции: никлид фосфор, азот, силициум. Од 1946 година раководел со Комесаријатот за атомска енергија и под негово раководство во 1948 година бил конструиран првиот француски атомски реактор.
1903.- Легендарниот македонски револуционер Гоце Делчев со својата чета го разурнал тунелот кај реката Ангиста, Серско, во Егејска Македонија. Тоа била последната негова акција против османлиската власт пред неговата смрт.
1906.- Роден е германскиот воен злосторник Адолф Ајхман, главниот извршител на замислата на Адолф Хитлер за „конечното решавање“ на еврејското прашање во време на Втората светска војна. На судскиот процес во Израел било утврдено дека тој во Европа раководел со злосторничката машинерија која во смрт испрати шест милиони луѓе, повеќето Евреи, за што му била изречена смртна пресуда и во 1962 година бил обесен.
1925.- Во Прилеп е роден Јордан Грабулоски, македонски скулптор, еден од најистакнатите македонски уметници познат по своите дела не само во земјата туку и во странство. Од неговите дела, со својата грандиозност, убавина и посетеност, посебно место зазема Споменикот посветен на Народноослободителната борба и Илинденското востание во Крушево, свечено отворен на 2 август 1974 година. Умрел во Скопје, на 26 мај 1986 година.
1933.- Роден е американскиот писател Филип Рот. Дела: романите „Гради“, „Наша банда“, „Американска пасторала“, „Голем американски роман“, „Професор за желби“, „Кога беше добра“, „Ослободениот Цукерман“, збирката раскази „Збогум Колумбус“, есејот „Читајќи се себеси и другите“.
1943.– Во Струмица е роден Митко Маџунков, македонски романсиер, раскажувач, драмски автор и есеист. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата светка книжевност со теорија на книжевноста, по што останал да живее во Белград и долго време работел како библиотекар. Во 1970 година станал член на Здружението на писатели на Србија, од 1986 година е член на Друштвото на писателите на Македонија. Во 2003 година бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав, а во 2007 станал редовен член на МАНУ.Посебно место во неговото творештво имаат романите „Кула на Ридот“, „Домот на Александар“, „Кон другата земја“, „Времето на ирвасите“ и „Птиците од ланските гнезда“. Носител е на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Исидора Секулиќ“, „Рациново признание“, „Војдан Чернодрински“, „Роман на годината“.
1950.- Умрел американскиот писател Едгар Рајс Бароуз, познат по серијата популарни романи за Тарзан.
1970.- Првпат од создавањето на Западна и Источна Германија, во Ерфурт се сретнале шефовите на влади на двете земји, Вили Брант и Вили Штоф.
1977.- Во претседателската резиденција во Бразавил (поранешниот Француски Конго) бил убиен претседателот на Конго Маријен Нгуаби, за што бил обвинет и потоа погубен поранешниот шеф на државата Алфонс Масамба Деба. Власта ја презела воената хунта, а за претседател во април 1977 година бил прогласен полковникот Јоаким Јомби Опанго.
1982.- Во Скопје умрел Адем Гајтани, писател и преведувач од албанска етничка заедница во Македонија. Автор бил на книгите „Светлина на срцето“, „Морска ѕвезда“, „Лебедова песна“ и други. Роден бил во селото Подуево, Косово, на 21 јули 1939 година.
1996.- Во главниот град на Филипините, Манила, во пожар во една дискотека загинаа најмалку 150 луѓе.
1999.- По гаранцијата на саудискиот крал Фахд и јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела за чесно судење, Либија се согласила на шкотското правосудство до 6 април 1999 година да му ги предаде двајцата Либијци кои биле осомничени за подметнување експлозија во американскиот патнички авион „Боинг 747“ во декември 1988 година врз Локерби во Шкотска во која загинаа 270 луѓе.
2001.- Изборите за градоначалник на Париз ги добил социјалистот Бертран Деланое, со што левицата ја презела власта во главниот град на Франција, првпат за 130 години од времето на Париската комуна.
2006.- Умре прочуениот американски моден креатор Олег Касини. Го облекувал Џеки Кенеди и многу ѕвезди од Холивуд како што се Натали Вуд, Грејс Кели, Менри Монро и Џин Тирни која во 1941 година станала и негова сопруга. Во 1960 година Касини стана официјален моден креатор на тогашната прва дама на Америка Жаклина Кенеди, која благодарејќи на неговите креации станала една од најелегантните жени во Вашингтон.
2008.- Умрел британскиот писател Сер Артур Кларк, автор на повеќе дела од областа на научната фантастика. Завршил на Кралскиот колеџ во Лондон каде во 1948 година магистрирал математика и физика. Дела: „Одисеја во вселената 2001“, „Од другата страна на небото“, „2010: Втора одисеја“, „2061: Трета одисеја“, „Средба со медуза“.
2013.- Аргентинскиот кардинал Хорхе Марио Бергољо официјално е интронизиран во поглавар на Римокатоличката црква. Церемонијата се одржала на отворено на плоштадот Свети Петар пред истоимената базилика во Ватикан. Според Ватикан, околу 200 илјади луѓе присуствувале на церемонијата. Пред почетокот на церемонијата новиот папа Франциск се помолил на гробот на Свети Петар во базиликата, а потоа излегол на плоштадот со околу 180 кардинали, патријарси и архиепископи.