НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во 1903 година излезе од печат „За македонцките работи“ од македонскиот публицист и лингвист Крсте Петков Мисирков

/ 25.12.2020

На 25 декември 1903 година во Софија излегла од печат книгата „За македонцките работи“ од македонскиот публицист и лингвист Крсте Петков Мисирков.

Во неа Мисирков ја истакнува и ја заштитува националната индивидуалност на македонскиот народ и неговото право на самостоен културен и национален развој. На едно место во книгата пишува: „Македонците, како посебен словенски народ, што низ вековите ја делел судбината заедно со соседните словенски и несловенски народи, си имаат сопствена национална историја и култура“.

Книгата ги претставува погледите на еден од најголемите македонисти и национални дејци кон македонското прашање, националната свест и пред сè на потребата од завршување на националната афирмација и ослободување на Македонците како посебен народ со особено значење на улогата за кодифицирање на литературен македонски јазик.

Политичка анализа на состојбата во Македонија

Во книгата се обработуваат тематики поврзани со основање на стандарден македонски јазик, правопис и азбука во контекст на изнесениот политиколошки поглед на тогашната актуелна политичка состојба во Македонија по Илиденското востание, како и научно-теоретски погледи за самобитноста и посебноста на македонскиот народ со историски пристап кон настанокот на другите европски и словенски народи, со единствена замисла и цел за национална афирмација на македонскиот народ во современа модерна европска нација со своја слободна, целовита и независна држава Македонија.

Книгата на Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското националноослободително движење. Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.

Во самата книга, тој 10 години пред Балканските војни и Букурешкиот мировен договор, ја предивидува можноста од поделба на Македонија меѓу балканските држави, предлагајќи обединување на сите македонски народности, како и интелектуални, револуционерни и ослободителни сили и движења во една и заедничка борба за ослободување на Македонија со цел да се оневозможи ваквиот процес и истовремено предлага воведување и сеопшто прифаќање на терминот Македонец/Македонци во официјална употреба за националноста на македонското словенско население во вилаетите на Отоманската империја на подрачјето на Македонија.

Согледувајќи ја тогашната политичка состојба во Македонија по Илинденското востание, Крсте Мисирков во книгата се осврнува и на предложените Мирцштегски реформи како поволна политичка одлука за Македонија и Македонците и истовремено смета дека поради опасноста од поделба на Македонија заради вмешаноста на соседните балкански држави и нивните пропаганди, подобра е соработка и спроведување на реформи во рамките на Отоманската империја со што ќе се зачува целовитоста на Македонија, а ќе се намалат страдањата и убиствата над македонскиот народ, отколку да се спроведува револуционерна борба поттикната и под знаме на еден дел од населението и општеството.

Книгата „За македонцките работи“ била испечатена во 1903 година во Софија, тогашно Царство Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Книгата има околу 120 страници и поделена е на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност и говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија.

Мисирков и јазичното прашање

Во оваа книга тој го прогласува централното македонско наречје за литературен македонски јазик и ја определува својата национална програма, во која главно место има прашањето за македонскиот литературен јазик. Со оваа книга, тој теориски ги изложи погледите за оформување на македонскиот литературен јазик. Неговиот јазик, всушност, е нормиран јазик и претставува солидна основа за дефинитивното нормирање и кодифицирање на македонскиот јазик.

Последната статија во оваа книга носи наслов „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“ и претставува прв научно аргументиран, теориски солидно поставен и практично разработен проект за кодификација на македонскиот јазик.

Мисирков тргнува од особеностите на македонскиот јазик во однос на другите словенски јазици. Тој ја разгледува неговата историја, неговата практична примена во писменоста, како и културно-историските околности кои придонесуваат да се избере западномакедонското наречје и да се издигне на ниво на литературен јазик.

Според Мисирков, потребата од одделен македонски литературен јазик е национален интерес на македонскиот народ и успешно средство во национално-политичката борба против туѓите пропаганди и против употребата на туѓите соседни јазици.

Мисирков се определува за брзо решавање на македонското јазично прашање и ги оформува своите ставови за македонскиот литературен јазик, главно, во три точки: за основа на литературниот јазик ги зема централните говори (на линијата Велес – Прилеп – Битола – Охрид), бидејќи тие се еднакво одалечени од соседните литературни словенски јазици (бугарски и српски); го поставува правописот врз фонетска основа, со мали отстапки на етимологијата; во лексиката предлага да се вклучуваат елементи од сите македонски говори.

Така, во изговорот и правописот инсистира на: испуштање на интервокалните согласки, и тоа на в (чоек, жиот, зборои итн.), на х (дуот, Орид), на д (создаит) и слично ф наместо старото х (успеф), антиципација на мекиот изговор на ќ и на њ (брајк‘а, стаин‘е) групата шч (шчо, опшч), групите стр, здр во сите случаи (стред, здрел, праздна), наставката цки наместо ски (македонцки, балканцки).

На морфолошко поле, инсистира на наставката -т во трето лице еднина сегашно време (требит, мислит, значит), исто и кај формите од помошниот глагол јет, сет. Значително е што предлогот од имал две форми, па забележуваме користење на предлогот от пред збор што започнува на беззвучна согласка и предлогот од пред збор што започнува на звучна согласка и гласници.

Мисирков го прифаќа кирилското писмо и составува азбука врз современи принципи. Во македонската кирилица тој воведува неколку нови графеми: i, к‘, г‘, н‘, л‘, со кои таа се разликува од другите кирилски писма. Исто така, во согласност со фонетскиот правопис инсистира на бележење на едначењето по звучност.

Во лексиката, и особено во зборообразувањето, инсистира на народна лексика и на живи зборообразувачки модели: дележ, продолжаач, опитуачка и слично.

(Подготви: Г.Г.)


Од истата категорија