12 ноември 2018

1812.- Околу 25.000 војници на разбиената армија на францускиот цар Наполен I, која се повлекувала од Москва, од руските топовски истрели и јуриши на Козаците загинале на замрзнатата река Березин. По дебаклот на реката, Наполеон побегнал со мала придружба во Париз со ветување дека ќе создаде нова армија од 300.000 луѓе, но поразот во Русија бил почеток на крајот на неговата империја.

1833.- Во Санкт Петербург е роден Александар Порфириевич Бородин, руски композитор, припадник на руската музичка „Група на петтемина“. Под влијание на рускиот музички фолклор компонирал симфонии, гудачки квартети и опери. Неговата најпозната опера е „Кнез Игор“, на која работел 20 години, а ја довршиле Римски-Корсаков и Глазунов. Умрел во Санкт Петербург, на 28 февруари 1887 година.

1840.-  Роден е францускиот вајар Огист Роден, еден од најголемите уметници на крајот на 19. и почетокот на 20. век. Скулптури: „Мислител“, „Бакнеж“, „Балзак“, „Граѓани на Кале“, „Вратата не пеколот“, „Вечен идол“, „Пролет“, „Човек со скршен нос“, бисти, актови.

1910.- Во Солун е роден Димо Тодоровски, академик и професор, вајар од првата генерација вајари кои ја втемелил вајарската уметност во Македонија. Тој бил единствен скулптор што се појавил меѓу двете светски војни во Македонија. Излагал самостојно во Скопје, во Белград, Загреб, во Дижон и на други места. Автор е на многубројни споменици во Македонија, како и на скулптурите „Јама“, „Тутуноберачка“, „Гроздоберка“, „На жица“ и други. Умрел во Скопје, на 27 април 1983 година.

1912.- Шпанскиот претседател на влада Хозе Каналехас бил убиен од анархистот Мануел Пардинас, кој потоа извршил самоубиство.

1912.- Спасувачка екипа ги пронашла посмртните останки на англискиот поларен истражувач и капетан Роберт Скот, како и на неговите придружници. Се претпоставува дека Скот и неговите членови на експедицијата умреле во март 1912 година, при враќањето од Јужниот Пол.

1918.- Прогласена била првата австриска република, ден по капитулацијата на Германија во Првата светска војна и абдицирањето на царот Карл I, кој бил последен владетел од Хабзбурговската династија.

1919.- Рос и Кејт Смит, англиски пилоти, први полетале од Лондон за Австралија. Слетале во австралискиот град Дарвин на 13 декември 1919 година.

1927.- Лав Троцки, по обвинението дека се борел за власт по смртта на Ленин, бил исклучен од владејачката болшевичка партија, а Сталин станал неприкосновен лидер на СССР. Лав Троцки од земјата бил протеран во 1929, а во 1940 година бил убиен во Мексико.

1929.- Во Филаделфија, САД, е родена Грејс Патриција Кели, американска филмска актерка, толкувач на драмски ликови и позната по учеството во филмовите на Алфред Хичкок. Главни филмови: „Точно напладне“, „Провинцијалка“, „Прозорец во дворот“, „Високо друштво“. Го напуштила филмот кога се омажила за принцот Рение Трети од Монако. Умрела во Монако, на 13 септември 1982 година.

1933.- Хитлеровата Национал-социјалистичка работничка партија добила мнозинство во парламентот и дошла на власт во Германија. Тогаш настанало најмрачното движење во поновата историја на светот – нацизмот, кој довел до Втората светска војна. Нацизмот била доктрина која на човештвото му навестила истребување на народите во походот за „големогермански простор“.

1942.- Британската Осма армија на генералот Бернард Монтгомери во Втората светска војна повторно го зазела Тобрук во Либија, заробувајќи најмалку 30.000 германски и италијански војници, и продолжила преку Сахара да го гони разбиениот Африкански корпус на германскиот генерал Ервин Ромел.

1948.- Поради извршени воени злосторства во Втората светска војна, на смртна казна биле осудени претседателот на владата генералот Хидеки Тоџо и уште шест јапонски функционери.

1955.- Во Загреб умрел Аугустин Тин Уевиќ, еден од најголемите поети на современата хрватска литература. Познати се неговите стихозбирки „Лелек на ратајот“, „Медал“, „Песни“ и „Жеден камен на кладенец“. Роден бил во Вргорац, на 5 јули 1891 година.

1961.- Родена е романската гимнастичарка Надја Команечи, која за само една вежба на Олимписките игри во Монтреал во 1976 година, прва во историјата на гимнастиката ја добила најголема можна оценка – 10.

1969.- Рускиот писател Александар Солжењицин бил исклучен од Сојузот на советските писатели, со образложение дека неговото однесување е „антидржавно“.

1970.- Силен циклон и високи бранови усмртиле најмалку 200.000 луѓе во Источен Пакистан (сегашен Бандгладеш).

1981.- Американскиот спејс-шатл „Колумбија“ вторпат полетал во орбитата околу Земјата, станувајќи прво вселенско возило кое било употребено повеќе од еден пат.

1989.- Во Мадрид умрела Долорес Ибарури – Ла Пасионарија, едно од најславните имиња на Шпанската граѓанска војна и на шпанското револуционерно движење. Од 1943 до 1960 година била генерален секретар на КП на Шпанија, а потоа нејзин претседател до крајот на животот. Родена била во местото Гањарта, во Баскија, на 9 декември 1895 година.

1992.- Во Берлин започнало судењето на поранешниот претседател на Источна Германија, Ерих Хонекер. На најспектакуларниот судски процес во Германија, Хонекер одговарал за убиство на 12 бегалци. На клупата на обвинетите се нашле и шест поранешни членови на Министерството за национална одбрана.

1992.- Во Скопје, со одлука на Универзитетскиот совет, Универзитетот „Кирил и Методиј“ пред името на словенските просветители го доби и епитетот Свети – „Свети Кирил и Методиј“.

1996.- Во Индија во воздух се судриле саудискиот авион „боинг 747“ и казакстанскиот авион „ту 154“ при што загинале 350 луѓе.

1999.- Во земјотрес во Турција, со епицентар кај градот Душче, 170 километри источно од Истанбул, загинале најмалку 550 луѓе.

2003.- Во самоубиствен напад на исламски терористи во Насирија, на југот од Ирак, во експлозија на камион пред базата на италијанската воена полиција загинале 19 Италијанци и девет Ирачани.

2006.- Бомаш-самоубиец убил 35 и ранил 58 луѓе во регрутниот центар на ирачката полиција во Багдат. Напаѓачот со опасен експлозив успеал да влезе во регрутниот центар на ирачката полиција, а потоа го активира експлозивот. Од американската инвазија врз Ирак во март 2003 година, во земјата загинале 2.813 американски војници, додека секоја недела во Ирак, според проценките на ОН, гинеле по 100 цивили.

2014.- На 67-годишна возраст починал актерот Ворен Кларк познат по улогата во британската серија „Dalziel and Pascoe“ и филмот „Пеколен портокал“. Кларк неговата успешна телевизиска кариера ја започнал во 1960 година и играл во „сапуницата“ „Coronation Street“. Славата ја стекнал со улогата на детективот Енди Далзијел во серијата „Dalziel and Pascoe“ која се емитувала од 1966 до 2007 година. Тој играл во сериите „Убиство во Мидсамер“, „Мрачна куќа“, „Госпоѓица Марпл“.