17 декември 2018

1531.Папата Клемент VII наредил во португалската престолнина Лисабон да отпочне инквизицијата.

1538.- Папата Павле III го исклучил од римокатоличката црква англискиот крал Хенри VIII кој претходно себеси се прогласил за поглавар на Англиканската црква.

1778.- Роден е англискиот хемичар Хамфри Дејви, претседател на Кралското друштво во Лондон, кој со помош на електролиза прво го добил натриумот, а потоа калиумот и калциумот во елементарна форма. Докажал дека хлорот е хемиски елемент, како и тоа дека некои киселини не содржат кислород. Ја пронашол рударската лампа и го открил електричниот лак.

1788.- Под команда на маршалот Григориј Потемкин, Русите ги победиле Турците и го зазеле црноморскиот град Очаков.

1830.- Во Санта Марта, во Колумбија, умрел Симон Боливар, јужноамерикански војсководец и државник, водач на револуцијата, кој независност од Шпанија прво и донесол на денешна Венецуела,  а потоа и на Колумбија, Еквадор, Панама, Перу и на Боливија. Станал симбол на борбата за независност на Латинска Америка. Роден бил во Каракас, Венецуела, на 24 јули 1783 година.

1881.- Умрел Луис Хенри Морган, американски етнолог и социолог. Неговите студии за животот на американските Индијанци му послужиле на Енгелс како основа за книгата „Потеклото на фамилијата, приватната сопственост и државата“. Роден бил на 21 ноември 1818 година.

1903. – Во Северна Каролина, во САД, Орвил Рајт (1871 – 1948), со леталото „Флаер – 1“, извршил прв лет на растојание од 36,5 метри, со брзина од 48 км. на час и на височина од 2,5 до 3,5 метри за 12 секунди.

1907.- Во Белфаст умрел Вилијам Томсон Келвин, англиски физичар. Работел на воведување на апсолутен систем на единици и мерења, учествувал во полагањето на трансатлантскиот телефонски кабел и изработил температурна скала. Роден бил на 26 јуни 1824 година.

1952.- Во Штип е роден Блаже Китанов, македонски писател. Завршил Филолошки факултет во Скопје.  На истиот факултет магистрирал и докторирал. Професор на Педагошкиот факултет „Гоце Делчев“ во Штип. Бил главен и одговорен уредник на списанието „Дело-74“ од Штип. Член е на ДПМ од 1998 година. Автор е на книгите: „Од пејзажот кон човекот“,„Во подножјето на огнот“, „Импресии и погледи“, „Ацо Шопов – живот и дело“ (монографија).

1962.- Во Скопје умрел Крсто Гермов – Шаќир војвода, македонски револуционер, прилепско-мариовски војвода, учесник во Илинденското востание и во Балканските војни. По ослободувањето на Македонија станал народен пратеник и како најстар пратеник, на 1 септември 1946 година, во Скопје го отворил Првото заседание на македонското народно собрание. Роден бил во Прилеп, во 1876 година.

1985.- Воената влада на Уганда и нејзините герилски ривали договорно ја поделиле власта и ја окончале петгодишната граѓанска војна.

1987.- На островот Маун Дезерт, во американската држава Мејн, умрела Маргарет Јурсенар, француска писателка, романсиер, есеист, драматург, прва жена примена во француската академија (1980). Првиот роман „Алексис или залудната борба“ го објавила во 1929 година. Своето најпознато дело „Хидријановите мемоари“ го објавила во 1951 година. Последните четириесет години од животот живеела во САД. На француски преведувала американски класици, грчка поезија и јапонска литература. Родена била во Брисел како Маргарет де Креанкур, во 1903 година.

1987.- Во Скопје умрел примариус д-р Ѓорѓи Гаврилски, прв примариус и прв специјалист по општа медицина во Македонија. Учествувал во НОВ, бил член на АСНОМ, секретар на Владата на НР Македонија и помошник министер за народно здравје.

1989.- На првите директни претседателски избори во Бразил по 29 години победил Фернандо Колор де Мело.

1991.- Турција ги признала сите поранешни советски републики, кои прогласиле независност.

1993.- Финска ја признала Република Македонија. Претседателот Мауно Коивисто го објавил признавањето на службен прием и му врачил акт и го овластил Министерството за надворешни работи да воспостави дипломатски односи со Македонија.

1993.- Во Лас Вегас, во Невада, САД, Фудбалскиот сојуз на Македонија бил примен за придружен член на Светската фудбалска федерација (ФИФА).

1996.- Генералното собрание на Обединетите нации за нов генерален секретар на светската организација, со петгодишен мандат, го избрал дипломатот од Гана – Кофи Анан, кој стапил на должноста на 1 јануари 1997 година, заменувајќи го египетскиот дипломат Бутрос Гали, чиј реизбор го спречиле САД.

1997.- Табо Мбеки го наследил Нелсон Мандела на функцијата претседател на јужноафриканската владејачка партија Африкански национален конгрес.

1998.- САД ја поддржале Велика Британија во започнатиот четиридневен воздушен напад врз Ирак, чии мети, како што беше официјално соопштено, биле нуклеарните, хемиските и биолошките ирачки воени потенцијали.

2005.- Европскиот совет и доделил на Република Македонија статус кандидат за членство во Европската унија.

2011.- Умрела Цесарија Евора, легендарната пејачка од Зеленортските Острови. Цесарија Евора уште како девојче почнала да пее „содад“, зеленортска музика инспирирана од блузот, но светска слава стекнала дури во 1992 година по три децении настапи низ баровите во Миндел. Нејзиниот трет албум „Мисс Перфумадо“ кој бил објавен таа година, бил светски хит бил продаден во повеќе од 300.000 примероци.

2011.- Умрел Ким Џонг-ил, севернокорејски диктаторски лидер.

2016.- Во 66-тата година од животот во Прилеп почина писателот Трајче Крстески, раскажувач, романсиер, поет и драмски автор. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1980 година. Работел како новинар, издавач и уредник на литературното списание „Стремеж“. Автор е на дваесетина книги, меѓу кои на романите „Арлекин со празни раце“, „Ослободен човек“, „Лов“, „Силјан повторно лета“ и на драмата „Пресуда“. За своето литературно творештво Крстески беше добитник на наградите „Нарциса“ и „Мисла“. Трајче Крстески е роден во 1950 година во Прилеп.