На 2 април 1865 година во Варош кај Прилеп е роден идеологот на македонската револуционерна борба Ѓорче Петров, а загина во атентат на 28 јуни 1921 година во Софија.
Тој е револуционер кој целиот свој живот го посветил на борбата за слобода на македонскиот народ.
Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив во Бугарија. Бил учител во Штип (1886-1887), во Скопје (1888–1891) каде соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Петров бил професор и во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897).
Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО, а ја објавил книгата Материјали по изучувањето на Македонија (Софија, 1896).
Ѓорче бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија (1897–1901), учествувал во редактирањето на револуционерниот весник „На оружје“. Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско, а по востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа и учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес каде бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија.
Го редактирал списанието Културно единство (Солун, 1908–1909). Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Тој бил противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција.
Потекнува од ситно трговско семејство. Во солунската гимназија во 1885 година поради учество во ученичкиот бунт бил исклучен со група од 12 македонски ученици меѓу кои бил и македонскиот револуционер Пере Тошев.
Четата на Ѓорче Петров
Престојувал во Источна Румелија каде собирал финансиски средства за набавка на оружје за идните востанички акции во Македонија. Во 1885 година завршува 6-ти клас во обласната гимназија во Пловдив. Поради слабото здравје се вратил во Македонија како егзархиски учител во Штип.
Ѓорче Петров учествувал во испраќањето на ќираџијата Доне Стојанов Штипјанчето, со пратки бомби, од Штип до Битола, кога се случила провалата.
На Солунскиот конгрес 1896 година заедно со Гоце Делчев добиле задача да го изготват уставот на организацијата, а подоцна со налог на организацијата занимал како задграничен претставник во Софија. Ѓорче Петров, како и Гоце Делчев, се спротиставил за кревање на Илинденското востание поради недоволна неподготвеност.
Своите погледи ги образложувал во весникот „Бунтовник“, а негова парола била „Македонија на Македонците“. Заради своите чисто македонски позиции станал еден од најнапаѓаните претставници на ВМРО од страна на врховистите.
Ѓорче Петров е уште една од многуте жртви на братоубиствената борба и меѓусебните пресметки, по атентатот во кој загинал во 1921 година во Софија.
(Подготвил: Д. Г.)