На 2 септември 1905 година кај месноста Ѓуров Дол, во близина на селото Ѓавато, Гевгелиско, во борба против триилјадна турска војска, откако го уби турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоуби гевгелискиот војвода Леонид Јанков.

Борбата, што ја водеше заедно со уште неколкумина негови соборци траеше цел ден. За херојската борба на Леонид Јанков и ден-денес се пее и се раскажува не само во Гевгелија, туку и низ цела Македонија.

Песната „Трба, трби гевгелиска“ му е посветена на овој 27-годишен војвода. Уште како селски чувар, Леонид Јанков соработуваше со илинденските востаници и со ВМРО, а учествуваше и во неколку други акции против турската војска.

Роден е во селото Мачуково, Гевгелиско, во 1878 година.

Во 1922 година во Скопје е формиран скопскиот спортски клуб „Македонија“.

Во 1941 година македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски, за да не се предаде жив во рацете на бугарската полиција, фрли бомба и се самоуби, фрлајќи се на улица низ прозорецот од својата соба. Живееше  во стан на шести кат во Софија. Во тој период Неделковски беше член на една диверзантска група.

Најпознати негови дела се збирките песни „Молскавици“ и „Пеш по светот“.

Роден е во селото Војница, Велешко, на 16 декември 1912 година.

Во 1944 година ослободен е Демир Хисар.

Во 1944 година Президиумот на АСНОМ на својата трета седница, што ја одржа во манастирот Свети Прохор Пчински, еден месец по историското Прво заседание на АСНОМ, донесе одлука за основање на телеграфска агенција на Македонија – ТАМ.

Оваа агенција одигра мошне важна улога во ширењето на вистината за праведната борба на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.

Во 1944 година кај селото Отиштино, Велешко, од Велешкиот НОП одред „Трајче Петкановски“ и од борците од велешкиот крај е формирана Осмата македонска НОУ бригада. При формирањето имаше четири баталјони со околу 950 борци. Во септември бригадата дејствуваше по должината на железничката пруга Велес – Скопје.

Во 1945 година кај селото Корнишор, Ениџе-Вардарско, откако беше предаден и опколен од една грчка жандармериска единица, при обидот да го пробие обрачот, загина од непријателски рафал Атанас Коровешов, член на Главното раководство на НОФ, еден од најверните синови на македонскиот народ.

Роден е во селото Смрдеш, Костурско, во 1918 година.

(Подготвил: Д.Г.)