Никола ГРУЕВСКИ

Денес е 31 август, денот кога во 1924 година е убиен еден од најславните водачи на ВМРО, Тодор Александров, кој станал легендарен меѓу народот уште низ годините додека бил жив и кој по Првата светска војна кога организацијата е во длабока криза, ја возобновува со своите извонредни организациски способности, со многу посветеност, упорност, мотивирачки настапи и активности и секојдневни одлучни акции.

Личност со така бурен живот и храбри подвизи, оддаден на делото и на татковината, стратег и секогаш заедно со четите на теренот, но присутен и на многу разговори со дипломати, новинари, политичари, и пред сè присутен ширум Македонија по селата, присутен меѓу населението. За време на својот живот, а особено кога е член на ЦК на ВМРО и де факто нејзин водач, тој бил вистинска ноќна мора, страв и трепет за противникот.

Неговиот живот е исполнет со многу бурни настани, за чии опис е потребен многу простор. Затоа во овој “In memoriam” ќе се задржам само на еден значаен момент поврзан со него, а тоа е тврдењето дека тој го нарачал убиството на Ѓорче Петров, настан што бугарските служби и социјалистичката историографија, а дел од историчарите и некои политичари и до ден денешен, ни го преставуваа како нешто што е апсолутно сигурно и со цврсти докази, но да видиме дали е така, да ги видиме фактите, па секој сам нека процени.

Ова посебно што неодамна пред околу два месеци, на 28 јуни се навршија 100 години од убиството на Ѓорче Петров, па повторно оваа теза беше пласирана без да се отворат деталите и доказите.
Од лево на десно, прв Ѓорче Петров, четврт Тодор Александров, шести Андреј Љапчев, седми Симеон Радев, осми Војвода Стаматов

Иако во длабока криза по завршувањето на првата светска војна, иако со различни идејни струи во неа, ВМРО била најмоќната македонска организација која во своите редови обединувала членство со различни политички ставови и провиниенција и револуционери од различни генерации и различни идејни текови. Македонскиот народ сè уште верувал и се надевал дека оваа организација со своето дејствување и обновување по војната, ќе работи кон повторно отворање на Македонското прашање од страна на големите сили и негово правилно и праведно решавање, особено на претстојната Мировна конференција во Версај.

Во ЦК на ВМРО влегувале Тодор Александров, Александар Протогеров (како резервен член го зазел местото на убиениот Христо Чернопеев) и Петар Чаулев, состав на раководство избран уште во 1911 година со помош на писмени инструкции, што било дозволено и предвидено од програмските документи на Организацијата.
Четата на Ѓорче Петров

Еден дел од постариот македонски револуционерен кадар, група македонски револуционерни дејци од западна Македонија, предводени од Ѓорче Петров, го оспорувале легитимитетот на членовите на ЦК на ВМРО поради тоа што долги години не бил одржан конгрес на Организацијата, поради што се создало непријателство и ривалитет помеѓу Тодор Александров и Ѓорче Петров.

Но и покрај тоа, обновената ВМРО на Александров, Протогеров и Чаулев, се наметнала пред македонската емиграција во Бугарија.

На обвинувањата на Ѓорче Петров дека Александров ја отуѓил Организацијата од нејзината првобитна цел, Александров одговарал дека слободата на Македонија се добива само со организирана револуционерна борба на македонска почва, а не со гол критицизам и пасивно гледање на работите од главниот град на Бугарија, Софија. На обвинувањата на Петров дека тогашниот ЦК се самоизбрал без легална постапка, Александров одговарал дека неговиот избор бил со писмени инструкции предвидени во програмските документи во одредени ситуации. Таквите остри преписки и обвинувања ја отвориле Пандорината кутија.

Ѓорче Петров бил еден од основачите на Привременото претставништво на поранешната обединета ВМРО која требало да ги обедини сите стари револуционерни кадри и да преставува противтежа на ВМРО на Тодор Александров како најдоминантна фигура во ЦК.

Нетрпеливоста меѓу поделените македонски револуционери пораснала до највисоко ниво со опасност да започнат крвопролевања.

Во едно писмо од Александров од 28 Април 1920 година, го обвинувал Ѓорче Петров дека уште во 1905/1906 година бил еден од главните виновници за неединството во Организацијата и неможноста за одржување на Општ конгрес на ВМРО во 1906 година, а потоа и за создавање на лична кариера за сметка на ослободителната борба. На крајот од писмото тој изразил стравување дека Петров сака да ја преземе организацијата однатре, што било остро обвинување за него. Во своите намери за превласт во Организацијата Петров се обидувал да добие поддршка и од македонските револуционери блиски до Александров. Овие настани ја одбележале 1919 година, но и покрај критиките таа година ВМРО ја возобновило организациската мрежа и започнала со вооружено и пропагандно дејствување.

Тодор Александров и Александар Протогеров таа година биле ставени во затвор од страна на Бугарската влада, но за кратко време во ноември 1919 година успеале да избегаат од затворот и преминале во илегалност и започнале со подготовки на четнички акции на ВМРО во вардарскиот и егејскиот дел на Македонија. ВМРО ја задржала претходната организациска поставеност како од времето на Илинденското востание и нагласувале дека го задржале континуитетот и легитимитетот на пред илинденската ВМРО и на нејзините основачи.

Организацијата успеала и финансиски да се консолидира со помош од Италија, членските влогови како и поткрепата од воено-офицерската лига на Бугарија во која имало голем број македонски офицери.
Александар Стамболијски, Премиер на Бугарија (1919–1923)

Во директивата од јуни 1920 година јасно е истакнато дека ВМРО ќе се бори за автономија и независност на Македонија во нејзините етнички граници. Тоа е време кога од 1920 до 1923 година ВМРО била под целосна илегала дури и во Пиринска Македонија под Бугарска власт, бидејќи тогашната т.н.земјоделска влада на Александар Стамболијски се обидувала да ја уништи ВМРО со цел да ги подобри односите со Кралството СХС. Дури и во Кралството СХС констатирале дека ВМРО има судири со т.н. “Портокалова гарда” на премиерот Стамболиски.

Ѓорче Петров е убиен на 28 јуни 1921 година. Во тоа време бил претседател на комисијата за бегалци при владата на бугарскиот премиер Александар Стамболијски.

Атентатот врз македонскиот револуционер силно одекнал во Софија и во сите градови каде имало емигранти од Македонија. Тодор Александров не бил во Софија во тој период, а Александар Протигеров веднаш се оградил од евентуална наредба за атентат. Сепак, заради претходно влошените меѓусебни односи, од сите страни прстот бил вперен кон ВМРО, односно кон Тодор Александров.

Прво, во извештајот на бугарскиот агент на државна безбедност Ангел Димитров од 22 октомври 1921 година до МВР во кој се укажува на податокот дека при апсењето на кочанскиот војвода на ВМРО Симеон Георгиев Кочански биле пронајдени писма од Тодор Александров во кој имало настани и личности кои можело да се поврзат со атентатот на Ѓорче Петров.

Според Димитров во едно од писмата до Кочански, Александров го посочувал извесниот член на ВМРО-Мите, што било псевдоним за Реџеп, атентаторот на Ѓорче — да замине во Софија на некаков вид на договор. Реџеп пристигнал два дена пред убиството на Ѓорче Петров во Софија и престојувал во слаткарницата “Охрид”. Бугарската служба за внатрешни работи врз основа на овие податоци заклучува дека Александров ја издава наредбата за убиство на Ѓ. Петров.

Во неодамна издадената книга “Под заклетва на ВМРО” (монографија за) Кирил Дрангов, историчарот Проф. Др. Никола Жежов за овој настан истакнува: “сепак овој податок треба да се земе со извесна доза на резерва затоа што бугарската влада на Стамболиски била во непријателски односи со ВМРО и по секоја цена се обидувала да ја дискредитира Организацијата пред македонските емигранти во Бугарија, а ликвидацијата на еден таков влијателен македонски револуционер како Ѓорче Петров била добра можност да му се препише тој чин на Тодор Александров. Таквата вест јавноста требало да ја прими со верување затоа што во прилог на тоа оделе расправиите, острите преписки обвинувањата и жестоката полемика помеѓу Тодор Александров и Ѓорче Петров.

Тодор Александров во своите изјави по повод атентатот на Ѓорче Петров, декларативно се оградувал од евентуална наредба од негова страна и истакнувал дека и покрај големите разлики со стариот македонски револуционер, никогаш немал намера физички да го ликвидира со помош на атентатори од Организацијата.
Иван Јанев-Брљо

Александров сметал дека посочувањето на ВМРО како потенцијален организатор за убиството на Ѓорче Петров било дело на бугарската земјоделска власт која сакала што повеќе да ја искомпромитира македонската организација во очите на Македонците во Бугарија”, посочува Проф. Др. Никола Жежов

На 22 Октомври 1921 година, од страна на атентатори на ВМРО предводени од Иван Јанев Брљо бил убиен Бугарскиот министер за внатрешни работи, Александар Димитров, кој имал македонско потекло, а судирот на ВМРО со Бугарската влада достигнал кулминација при 9-то јунскиот пресврт во 1923 година кога сменетиот бугарски премиер Стамболиски со воениот преврат бил сурово егзекутиран од Скопксиот војвода на Организацијата, Величко Велјанов-Чичето.
Величко Велјанов — Чичето, Скопски војвода и неговата чета

Ова е период кога Ѓорче Петров е веќе во поголема возраст (56) и е легален, работи државна работа и малку е веројатно дека Тодор Александров кој е на 40 годишна возраст со организирани чети низ цела Македонија и секојдневни акции и битки, дека го гледал Ѓорче Петров како реална сопствена конкуренција.

ВМРО секогаш кога носеле смртни пресуди ги објавувале, а и кога ќе ги извршиле го правеле истото.