На денешен ден, 26 август, се случиле повеќе настани од поблиската и подалечната историја на Македонија.

Во 1910 година во Скопје е родена Мајка Тереза, чие вистинско име е Агнеса Гонџа Бојаџиу. Таа е основач на сестринскиот ред на милосрдието.

Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Умрела во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година

Во 1904-та во Скопје е роден Томо Владимирски, македонски академски сликар и сценограф. Уметничка школа завршил во Белград.

Од 1929 година работел како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје и во други театри во Македонија. Во сликарството мотиви му биле луѓето, историјата и пејзажи на Македонија. Умрел во Скопје, на 14 септември 1971 година.

Во 1944 година на Кајмакчалан, во борбата против бугарската војска, како комесар на баталјон, загинала Овадија Естреја – Мара, народен херој на Македонија. Родена била во Битола, во 1921 година.

Во 1944-та Бугарија, сојзуничка на Германија во Втората светска војна, соочена со навлегувањето на советските трупи, соопштила дека излегува од војната.

Во 1945 година во Битола бегалците од Егејска Македонија излегле на протестен митинг со барање да престане теророт и прогонот на Македонците спроведуван од страна на грчките власти.

Во 2001 година албанските терористи со експлозив го кренале во воздух и целосно го уништиле мотелот „Бриони“, лоциран покрај реката Вардар, во близина на селото Челопек, Тетовско.

Притоа, од експлозијата животот го загубиле (беа најдени врзани со динамит околу телата) двајцата чувари на објектот –  Боге Илиевски и Свете Трајчевски.

Илиевски и Трпковски беа убиени на 26 август 2001-та година од се уште непознати сторители кои со динамит ги врзале двајцата за потпорните столбови и ги кренале во воздух со мотелот Бриони кај Челопек. Нивното загинување се случи две недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и пет дена по разурнувањето на Лешочкиот манастир. Овој случај беше опфатен со автентичното толкување на Законот за амнестија заедно со останатите три хашки случаи.