НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Ново Село е роден војводата Славејко Арсов, во Прилеп М. А. Ченто, а во Штип загинал народниот херој С. Стојменски

/ 17.08.2023

На денешен ден се случиле повеќе важни настани од историјата на македонскиот народ, а меѓу нив е раѓањето на војводата Славејко Арсов, како и на првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов Ченто.

На овој ден во месноста Бигла во Егејска Македонија здружените лерински и костурски одреди го десеткувале турскиот гарнизон, а во Штиип загинал народниот херој Славчо Стојменски.

На 17 август 1878 во штипско Ново Село е роден Славјеко Арсов, македонски револуционер и војвода во Битолскиот револуционерен округ, бил соработник на Гоце Делчев и учесник на Смилевскиот конгрес во мај 1903 година, како и во Илинденското востание од 1903 година.

На врвот Лингура, кај селото Долно Ѓуѓанце, Светиниколско, во борба против турската војска загинал на 22 јуни 1904 година.

На денешен ден 1902 година во Прилеп е роден Методија Андонов – Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.

Тој се борел за правата и за слободата на македонскиот народ, за вистината за Македонија. Поради несогласување со некои ставови на тогашниот режим на ДФ Југославија, во 1946 година, со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години. Умрел во Прилеп, на 24 јули 1957 година. Во октомври 1990 година бил рехабилитиран.

На 17 август 1903 година во месноста Бигла, близу до селото Арменско, Егејска Македонија, здружените лерински и костурски одреди на македонските востаници извојувале голема победа над турската војска и го десеткувале турскиот гарнизон.

Својот бес по поразот непријателот го истурил врз Арменско. Селото било опожарено, а околу 130 жени, деца и старци биле убиени и масакрирани.

На овој ден во 1943 година во Штип, во борба против бугарската окупаторска полиција, загинал Славчо Стојменски, народен херој. Роден е во Штип, на 16 октомври 1921 година.


Од истата категорија