1494.- Роден е францускиот крал Франсоа Први. Во текот на владеењето од 1515 до смртта во 1547 година се обидуваше да стане римско-германски цар, што во 1519 година му успеа на неговиот лут противник Карло Петти (Хабзбург), против кого потоа водеше четири војни. Во 1525 година во битката кај Павије беше заробен, но успеа да се ослободи и во 1536 година воспостави сојуз со Османското царство насочен против Хабзбург. Франсоа Први има големи заслуги за развој на француската уметност и наука.

1583.- Роден е италијанскиот оргуљаш и композитор Џироламо Фрескобалди, најголем мајстор на своето време на оргули. Компонираше канцони, фантазии за оргули, мадригали.

1733.- Умре францускиот композитор и оргуљаш Франсоа Купрен, централна личност во музичкиот живот на Париз во почетокот на 18 век.

1801.- Рускиот цар Александар Први го укина грузиското кралство и го приклучи кон Русија. Источното грузијско кралство кое беше создадено четири децении порано, по ослободувањето од Персијците прифати руски протекторат во 1783 година. Русија во 1810 година ја анектираше и западна Грузија, која дотогаш беше под Отоманската империја.

1848.- Швајцарија го усвои новиот устав со кој стана федерална унија со силна централна власт, иако таа и понатаму официјално е конфедерација.

1874.- Умре францускиот политичар и историчар Франсоа Пјер Гиј Гизо, шеф на дипломатијата од 1840 до 1847 година и претседател на владата од 1847 до 1848 година. Беше соборен од власт во Февруарската револуција во 1848 година, заедно со кралот Луј Филип. Дела: „Историја на англиската револуција“, „Историја на цивилизацијата во Франција“.

1888.- Роден е францускиот пејач и глумец Морис Шевалие, заштитен знак на француската музичка комедија. Напишал автобиографија „Мојот пат и моите песни“. Филмови: „Љубовна парада“, „Насмеаниот поручник“, „Весела вдовица“, „Молчењето е злато“, „Имав седум ќерки“, „Живот за кариера“, „Жижи“, „Фани“, „Љубов попладне“.

1897.- Родена е Ирена Кири, француски нуклеарен физичар и хемичар, ќерка на нобеловците Пјер и Марија Кири, која со сопругот Жан Фредерик Жолио во 1935 година ја подели Нобеловата награда за хемија.

1910.- За прва жена полициски офицер во светот, во Лос Ангелес е поставена Алиса Стебинс Велс.

1913.- Роден е американскиот атлетичар од афроамериканско потекло Џеси Овенс, еден од најголемите спортисти во 20. век, кој освои четири златни медали на Олимписките игри во Берлин во 1936 година. Се верува дека по неговите победи на 100 и 200 метри, во штафета 4 х 100 метри и во скок во далечина, нацистичкиот лидер Адолф Хитлер ја напуштил почесната ложа за да го избегне ракувањето со него.

1942.- Во месноста Долец, во Болнската Планина во нерамномерна борба против бугарската војска и полиција не сакајќи живи да паднат во рацете на окупаторот, сами си го одзедоа животот Стефан Наумов-Стив и Димитар Богоевски-Мите, народни херои на Македонија. Стефан Наумов е роден во Битола на 27 октомври 1920 година. Димитар Богоевски-Мите е роден во селото Болно, Ресенско, на 31 октомври 1919 година.

1944.- Првите американски единици стапнаа на тлото на Германија за време на Втората светска војна.

1953.- Никита Хрушчов стана првиот секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, заземајќи ја најмоќната функција испразнета по смртта на Сталин.

1954.- Во Скопје е отворено првото Уролошко одделение под раководство на д-р Сотир Ставридис. Првата уролошка амбуланта е формирана во 1947 година во рамките на Медицинскиот факултет.

1968.- Албанија соопшти дека го напушта Варшавскиот пакт.

1977.- Јужноафриканската полиција во затвор го уби црнечкиот лидер Стив Бико.

1980.- Во ударот без пролевање крв во Турција началникот на Генералштабот генерал Кенан Ервен ја собори владата на Сулејман Демирел и го распушти собранието.

1981.- Во Милано умре Еуџенио Монтале, италијански поет, најпознат претставник на италијанскиот херметизам. Негови познати дела се „Аутодафе“, „Бура“, „Сатура“ и други. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1973 година и на Нобеловата награда за литература во 1975 година. Роден е во Џенова, на 12 октомври 1896 година.

1986.- Во Скопје умре Драгутин Аврамовски-Гуте, истакнат македонски академски сликар и графичар. Тој е еден од првите македонски апстрактни сликари и има посебен придонес за развитокот на современиот графички израз во Македонија. Се занимаваше и со сценографија и со илустрација. Роден е во Куманово, на 11 март 1931 година.

1996.- На островот Зларин, кај Шибеник, во Хрватска, умре Тома Прошев, македонски композитор, еден од најнадарените македонски музички творци од втората половина на 20. век. Основач е на Ансамблот за современа музика „Света Софија“. Напиша 11 симфонии, неколку концерти за виолини и оркестар, за виолончело и оркестар и други дела. Роден е во Скопје, на 10 ноември 1931 година.

1998.- Во атентат во Тирана пред седиштето на опозициската Демократска партија е убиен  Азем Хајдари, еден од нејзините водачи.

2005.- Советот за безбедност на Обединетите нации ги укина санкциите против Либија бидејќи властите во Триполи ја презедоа одговорноста за експлозијата од подметнатите бомби во авионот на „Пан Америкена“, врз шкотското место Локерби во 1988 година. Либија се согласи да плати вкупно 2,7 милијарди долари отштета за семејствата на 270-те жртви.

2009.- Умре францускиот фотограф Вил Ронис, еден од најголемите фотографи на 20 век.

2009.- Умре Норман Борлауг, американски стручњак за патологија на растенијата. Во 1970 година ја доби Нобеловата награда за мир, а во 2007 година златен медал на американскиот Конгрес, што е и највисоко цивилно одликување во САД.