На 24 март 1999 година почна бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија по наредба на тогашниот генерален секретар на Алијансата, Хавиер Солана.

Во повеќемесечното бомбардирање загинаа 1.200 цивили, а во Македонија дојдоа 360.000 бегалци од Косово.

Бомбардирањето заврши на 10 јуни 1999 година со усвојување на Резолуцијата 1244 за Косово на Советот за безбедност на Обединетите нации.

На 9 јуни 1999 година во кампот на француската бригада на НАТО што беше стационаирана на спортскиот аеродром Аџитепе кај Куманово, по петдневни преговори, генералите на СР Југославија и НАТО го потпишаа тн. Воено-технички договор за повлекување на тогашните југословенски (СР Југославија односно Србија и Црна Гора) воени и безбедносни сили од јужната српска покраина Косово.

Со потпишувањето на овој договор престанаа бомбардирањата на територијата на СР Југославија, пред се на Србија, од силите на НАТО.

Операцијата со кодно име „Сојузничка сила“ на НАТО против СР Југославија почна на 24 март 1999 година и заврши на 10 јуни истата година, позната како Косовска војна. Тоа е втора поголема борбена операција во историјата на НАТО, по бомбардирањето на босанските Срби во 1995 година.

При бомбардирањето на НАТО вршени се напади врз воени цели, но на удар се најдоа и стопански и цивилни објекти. Во нападите што траеа 78 дена без прекин, тешко беа оштетени бројни инфраструктурни објекти, стопански објекти, училишта, здравствени установи, медиумски куќи, споменици на културата, цркви и манастири. Најголем број од жртвите во бомбардирањето беа цивилни, а нивниот број според разни извори е од 500 до 1.200 загинати.

НАТО бомбардирањето врз СРЈ беше без согласност од Обединетите нации. За бомбардирањето немаше согласност и од американскиот Конгрес кој ги отфрли намерите на тогашниот американски претседател Бил Клинтон да се предложи напад на СРЈ.

(Подготви: Д. Г.)