19 февруари 2019

1473.- Роден е Никола Коперник, полски астроном, еден од најголемите астрономи на сите времиња. Поаѓајќи од теоријата на грчките астрономи, кои сметале дека Сонцето е центар на светот, а Земјата и другите планети кружат околу него, Коперник ја формулирал теоријата на хелиоцентричниот систем и со тоа ги поставил основите на модерната астрономија. Умрел на 24 мај 1543 година.

1743.- Роден е Луиџи Бочерини, италијански композитор и виолончелист. Особено бил заслужен за развојот на камерната музика за која напишал голем број композиции. Умрел во Мадрид, на 28 мај 1805 година.

1797.- Папата Пие VI со Наполеон Бонапарта го потпишал Толентискиот договор со кој Болоња, Ромања и Ферара и припаднале на Франција.

1800.- Наполеон Бонапарта се прогласил за прв конзул на Франција.

1878.- Со Санстефанскиот договор завршила Српско-турската војна. Договорот со кој Русија се обидела да ја создаде голема Бугарија на сметка на Србија бил поништен на барање на останатите европски сили на Берлинскиот конгрес во јули 1878 година.

1895.- Во Кукуш е родена Лика Чопова – Јуркова, истакнат македонски педагошки работник и публицист. Потекнува од револуционерните македонски семејства на Делчеви и на Чопови, од мајка Руша Делчева, сестра на Гоце Делчев, и татко Андон Чопов. Умрела во Скопје, на 5 септември 1983 година.

1905.- Во Париз излегол првиот број на весникот „Македонија“. Излегувал до јули 1906 година (објавени се 40 броеви). Целта на весникот била да се запознае француската и воопшто европската јавност со положбата, настаните и судбината на Македонија. Главен и одговорен уредник бил францускиот новинар и публицист Жорж Голи.

1918.- Во Русија со декрет на болшевиците била забранета приватна сопственост врз земјата, водата и природните богатства.

1924.- Роден е американскиот филмски актер Ли Марвин. Филмови: „Големата трка“, „Дванаесетмината жигосани“, „Човекот кој го уби Либерти Валанс“, „Кет Балу“ (Оскар), „Монти Валш“, „Убијци“.

1942.- Јапонски авиони во првиот напад врз Австралија во Втората светска војна ги бомбардирале градот Дарвин и блиската воена база. Во нападот загинале 243 Австралијци, биле потопени осум бродови и уништени 23 авиони.

1945.- Американсите сили во Втората светска војна се исфрлиле на пацифистичкиот остров Иво Џим и по крвавите борби од 22.000 Јапонци само 212 најтешко повредени се предадоа на 26 март истата година, додека Американците имале повеќе од 6.800 загинати војници.

1951.- Во Париз умрел Андре Жид, француски писател, романсиер, есеист и критичар. Познат е како највлијателна и најконтроверзна личност во 20. век. Меѓу познатите негови дела спаѓаат „Ковачи на лажни пари“, „Визбите на Ватикан“, „Пасторална симфонија“, „Пат во Конго“ и други. Добитник бил на Нобеловата награда за литература во 1947 година. Роден бил во Париз, на 22 ноември 1869 година.

1952.- Во Нерхолме умрел Кнут Хамсун, норвешки писател, по Ибзен најпознат во светот. Негови најпознати дела се романите „Глад“, „Викторија“, „Мистерија“, „Пан“, и други. Во 1920 година ја добил Нобеловата награда за литература. Роден бил во една фарма во централна Норвешка, на 4 август 1859 година.

1959.- Потпишана била Лондонската спогодба меѓу Велика Британија, Грција и Турција за независност на Кипар.

1976.- Исланд ги прекинал дипломатските односи со Велика Британија по неуспешните преговори меѓу двете земји за правото на рибарење во спорните води.

1991.- Борис Елцин побарал оставка од претседателот на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов, тврдејки дека ги жртвува реформите за да ја зајакне личната власт.

1992.- Во Јужна и Северна Кореја стапиле на сила договорите за забрана на нуклеарното оружје на корејскиот полуостров.

1993.- Покрај брегот на Хаити во луња потонал ферибот при што од околу 1.500 патници и членови на екипажот се спасиле само 285 луѓе.

1994.- Во Скопје било основано Македонско-американско здружение за пријателство и соработка.

1996.- Во Њујорк официјално започнал со работа Генералниот конзулат на Република Македонија.

1996.- Советот на Театарските игри „Војдан Чернодринскк“ донесол одлука оваа манифестација во иднина да се одржува под името „Македонски театарски фестивал“.

1997.- Умрел кинескиот државник Денг Сјаопинг, главен архитект на стопанските реформи и силниот економски развој на Кина на крајот на 20. век. Најнаселената земја во светот ја раководел од 1978 година, а од последните официјални раководни функции се повлекол во 1990 година, но неговото пресудно влијание останало неспорно се до смртта. Автор е на легендарната изјава: „Не е битно дали мачката е црна или бела се додека лови глувци“ (1961).

1999.- Убиен бил верскиот водач на ирачките шеити и големиот ајатолах Мохамед Садек ел Садр. Во таа прилика настрадале и неговите два сина.

2008.- Умрела руската балерина Наталија Бесмертнова, примабалерина на московскиот Бољшој театар од 1961 до 1995 година. Најпозната е по улогите во балетите: „Спартак“, „Ромео и Јулија“, „Легенда за љубовта“, „Иван Грозни“, „Златен век“, „Ангара“. По заминувањето од сцената во Бољшој театарот работела како педагог. Носителкабила на бројни награди меѓу кои се и на Париската балетска академија „Ана Павлова“ и Лениновата награда. Се здобила и со титулата Народен уметник на Советскиот Сојуз.

2013.- Во Источен Сибир во Русија забележана била рекордно најниската температура – во селото Ојмјакон измерени биле минус 71 степен Целзиусов. Источносибирското село Ојмјакон е најстуденото и во исто време постојано населено место на Земјата. Во него живеат 500 луѓе кои пак изјавиле дека зимите во последните години биле потопли бидејќи температурите се движеле меѓу минус 40 и минус 50 степени.

2016.- На 84-годишна возраст  починал италијанскиот писател и филозоф Умберто Еко. Неговото најпознато дело е романот „Името на розата“, кој е преведен на 43 јазици и продаден во повеќе од 30 милиони примероци. Автор бил и на голем број есеи и книги од теоријата на уметноста и лингвистика, а пишувал и литературни критики и книги за деца. Припаѓал на литературното движење Група 63. Роден бил на 5 јануари 1932 година во Александрија.