Италијанската актерка Орнела Мути се соочува со затворска казна ако не плати отштета поради откажување на нејзините претстави во театар за да присуствува на гала-вечера со рускиот претседател Владимир Путин и американскиот колега Кевин Костнер.

Мути требала да се појави на сцената во декември 2010 година, но кажала дека е болна и патувала во Санкт Петербург за да присуствува на гала-вечера.

На лекарското уверение пишувало пет дена одмор.

Врховниот суд ја потврди условната казна од шест месеци, како и парична казна од 500 евра и 30.000 евра отшета за театарот Верди во Порденоне, во североисточниот дел на Италија.

Откако се појавија фотографии на актерката како седи на иста маса со Путин, судот поднесе тужба.

Судот ја предупреди Мути дека ќе оди во затвор ако не ја плати отштетата.

Италијанските медиуми велат дека има рок од 30 дена да го плати надоместокот.

На првото рочиште во 2015 година, актерката пред судот изјави дека нема пари да го плати надоместокот.

Две години подоцна, таа и нејзиното семејство беа протерани од нивниот стан во Рим поради заостанати долгови до агенцијата за недвижнини.