По предлог на Основното јавно обвинителство Кочани донесено е решение на И.М., обвинета за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, да и се суди во отсуство, бидејќи таа не е достапна на државните органи, информира Јавното обвинителство.
Следното судско рочиште е закажано за 09.11.2026 година во 9 часот.
Ива Михаилова заедно со нејзиниот бугарски адвокат на нелегален начин ја напушти државава на почетокот на месецов и е во Бугарија. Таа има двојно државјанство – македонско и бугарско и бугарските власти најавија дека нема да ја спроведат во Македонија иако против неа е издадена потерница. Михаилова лани направи сообраќајна несреќа со смртни последици на експресниот пат Кочани – Штип за што и се суди во Кочанскиот суд.




