Чекориме веќе 13 години. Денес дојде Хан и означи старт на скрининг процесот за отпочнување на преговори за членство во ЕУ и тоа на насјензитивните поглавја – 23 (Правосудство и фундаментални права) и 24 (Правда, слобода и безбедност), нов пат кој што треба да го изодиме во наредната година за да дојдеме чекор поблиску до вратата на ЕУ.

Интересно е тоа што Заев е убеден дека неговата Влада има капацитет да износи на грб еден таков обемен процес во кој што ќе се направи анализа во однос на тоа до каде е Македонија во прилагодувањето на домашното законодавство со законодавството на ЕУ, процес кој трае веќе повеќе години и во кој се направени низа законски измени согалсно барањата на ЕУ.

Меѓутоа она што е важно е дека Законите во случајот кај нас не се проблем, проблем е нивната имплементација. Еве на пример како ќе прикажеме независно судство кога се водат монтирани процеси и политички прогон на политички неистомисленици. На кој начин ќе докажеме дека судството е издигнато на едно повисоко ниво и дека суди согласно Закон и дека сите се еднакви пред Законот кога изминатава година сведоци бевме на нарачани судски пресуди.  На кој начин ќе покажеме дека се почитува Уставот кога сме избрле Претседател на Собрание и сме донеле Закон за јазици кршејќи го Уставот.

Како ќе ја подобриме состојбата во полето на правдта, на безбедноста кога граѓаните секој ден се чувствуваат сé помалку безбедни и заплашени?

Кој е магичниот трик кој ќе го употреби Владата за да се изменат работите во пракса за 180 степени во наредните 12 месеци? На кој начин ќе ги убеди граѓаните најпрво да гласаат на референдум и да се согласат на промена на името како најважен услов за било какви евроатлантски интеграции, кога од ден во ден со константните лаги народот има сé помалку доверба дека тоа што го зборува сега навистина ќе биде така.

Не очекува интересна година во која Владата, треба да се надмине себеси и со макотрпна работа да обезбеди позитивна оценка за Македонија и одлука за вистински старт на преговорите во јуни 2019 година, а притоа да обезбеди цензус за референдум и позитивен одговор од граѓаните за референдумското прашање.  Од сé она што видовме како реализирана работа во претходната година стравувам дека нема многу да мрднеме на патот кој ни претстои, а можеби само промената на Уставот ќе биде сосема доволна за да покажеме дека сме спремни за ЕУ. Останува да видиме.

М-р Мартина Антиќ