Со  оглед на тоа што Зоран Заев денеска најави консултативен референдум за Северна, веднаш да расчистиме една заблуда, а таа е дека за консултативниот референдум не требало цензус. Тоа не е точно, зашто никаде ни во Законот за референдум, ни во мислењето на Уставниот суд по ова прашање од пред осум-девет години, уште помалку во самиот Устав, цензусот не  е оспорен. Кратко кажано, никаде не стои дека за ваков референдум не треба цензус. Напротив, треба и тоа како!

Занчи, и за овој вид гласање потребна е излезност од над 900.000 гласачи (ако не направат ујдурма со Избирачкиот список, што е и една од целите на СДСМ со измените во Изборниот законик) и потврдно гласање на половината од излезените.

Нормално, ако Заев и неговите беа сигурни дека ќе постигнат излезност, тогаш ќе одеа на задолжителен референдум, а не на консултативен. Со ова, Заев барем најави една од далаверите што ќе се обидуваат да ја протнат, а тоа е дека не ни треба цензус, па тогаш подобро излезете.

Вториот момент е дека и натаму останува проблемот со прашањето, а тоа е дека во најавеното („Дали сте за ЕУ и НАТО со поддршка на договорот со Грција“) има неколку прашања, додека Законот бара едно кое е прецизно формулирано. Со оваа конструкција на прашањето најавена од Заев, јасно е дека протнуваат повеќе прашања, што во крајна линија може лесно да биде поништено од Уставниот суд. Доколку му биде дозволено, се разбира. Иако околу проблемот со прашањето пишував пред неколку недели, се чини вреди да се потсетиме:

„Проблемот за Заевци е што членот 15 (од Законот за рефендум) зборува за „прашање“, што значи тоа мора да биде едно. Не може во една реченица да се кријат повеќе прашања…,“ а во овој случај го имаме токму тоа. Вака поставеното прашање би вредело и би можело да се смета како едно, доколку станува збор за име и договор со кои се регулира под кои услови би влегле во НАТО и ЕУ, а не за ерга омнес договор.

Понатаму, пред неколку недели објаснив:

„Кон првиот услов за едно прашање, а не за повеќе во една реченица, како што сакаат да не измамат СДСМ и ДУИ со прашање во стилот „Дали сте за ЕУ и НАТО и за договорот со Грција“, Законот додава и втор кој вели дека тоа мора да биде „прецизно формулирано“… Кон „прецизно формулирано“ секако не може да се подразбере „четири во едно“, а во овој случај мислам дека станува збор за „три во едно“.

„Третиот услов што го бара Законот, односно член 15 став 4 од него, можеби е и клучниот, кој всушност претставува конечно надополнување на претходните два услови, вели дека прашањето мора да биде „недвосмислено“. Што тоа значи кажува самиот збор – не може да има двојна или повеќекратна смисла. Односно, ајде да се обидам и јас да нацртам поточе на слика од пред Стоковна од времето на комуњарите – на зборот „смисла“ му е додаден зборот „двојна“, па добиваме „двосмисленост, а негација на двосмисленоста е тоа што го бара Законот – прашањето да не биде двосмислено, туку „недвосмислено“.

А не е недвосмислено прашање кое има повеќе смисли: едната е дали сте за НАТО, другата е дали сте за ЕУ, третата е дали сте за договорот со Грција итн. Значи, класично и флагрантно ученичко прекршување на Уставот и на Законот. Срамота. Ако на НАТО и ЕУ им треба вакво силување на највисоките правни акти, тогаш нема што да се каже освен Бога да чува.

Значи кога сето ова ќе се собере, добиваме една сериозна далавера веќе во старт. Имаме консултативен референдум кој ќе пропадне, па Заевци ќе велат дека тој никого не обврзува. Но, ако успеат да ги наполнат кутиите, тогаш на консултативниот референдум кој го нема во Уставот (го има во Законот и во мислење на Уставниот суд кое е срам само по себе), ќе му ја залепат последната заповед на највисокиот правен акт од член 73 каде се вели дека „одлуката на референдумот е задолжителна“.

Така, од Законот ќе го извлечат тоа што го нема во Уставот (консултативен референдум), а од Уставот ќе го извлечат тоа што го нема во Законот (задолжителност на консултативната одлука).

Кој ли им го смислил сето ова, засега не е јасно. Но, едно е јасно, а тоа е дека влегуваат во голема каша, од која ќе можат да излезат само со фалсификати, со полнење кутии и со репресија. Патем, не е јасно и што запнаа сите странци да не убедуваат за нешто што е само незадолжителна консултација на која народот нема да излезе да гласа во доволен број.

Инаку, за оние што не знаат, еве да споменеме дека и неизлегувањето на гласање е демократско право и израз на волја. Посебно кај референдумите. Кога не се излегува на гласање за избори, тогаш не можете да изведете заклучок за кого би гласале неизлезените на избори граѓани.

Кај референдумот, нивната волја, сеедно што останеле дома, е сосема јасна. Впрочем, за тоа веќе имаме практика од 2004 година кога цела булумента на СДСМ ни велеше да останеме дома. Али Ахмети тогаш се криеше, не смееше да писне за да не не иритира.

Инаку консултативниот рефендум има уште една замка, ама таа на Заев нека му ја кажат други. Патем, станува збор за замка која го обесмислува гласањето, но, има такви на кои отпосле им текнува. Но, да сме живи и здрави