На плоштадот во Киев блесна елката, прв пат во историјата Божик ќе се слави на 25 декември

/ 07.12.2023

Мноштво луѓе се собираат на еден од најомилените плоштади во Киев за да ја видат главната новогодишна елка во Украина осветлена за Св. Никола според новиот календар со кој Божиќ се слави на 25 декември.

Со нивната војска вклучена во 21-месечна војна против Русија, ова е првпат многу Украинци да го одбележат празникот според новиот календар – одобрен од главната православна црква во земјата за да се дистанцираат од практиката во Русија.

„И во овие тешки времиња имаме можност да дојдеме да ја видиме нашата елка во центарот на нашиот главен град“, изјави 29-годишната домаќинка Олесија Пољарош. „Можеби не за да славиме, туку да го почувствуваме Божиќниот дух и покрај сѐ, за да го прославиме во нашата земја“, додаде таа.

Овации се слушнаа кога светилките на елката се запалија на плоштадот пред Соборниот храм Св. Софија од 11 век, додека семејствата дегустираат палачинки и варено вино во соседните киосци.

Повеќето Украинци се православни христијани, а главната црква во земјата се согласи на почетокот на оваа година да отстапи од јулијанскиот календар – според кој Божиќ се слави на 7 јануари.

Повеќето православни земји генерално го слават Божиќ на 25 декември. Многумина на плоштадот рекоа дека се согласуваат со изменетиот датум.

„Не треба да имаме ништо заедничко со таа земја“, рече Пољарош. „Свети Никола и нашите момчиња (војници) нѐ поврзуваат сите денес. Дрвото сјае, не е премногу големо, само она што ни треба во овие времиња“, рече таа.

Инженерот Катерина Дидик (32) рече дека првпат го прослави Свети Никола толку рано, наместо на 19 декември, но призна: „Всушност, во последните седум години го славам Божиќ на 25 декември“. Дидик рекла дека ѝ е малку рано да го слави Божиќ, но во вторник купила дрво и почнала да го украсува.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, симболично ги запали светилките на дрвото, велејќи дека тоа е финансирано од приватни донации за да се овозможи доделување на јавни пари за војската.


Од истата категорија