Владата и коалицијата на премиерот Кирил Петков се ниша, а министрите од Владата на Димитар Ковачевски очекуваат во последен момент да падне ветото од Бугарија за Македонија во ЕУ.

Македонија е ангажирана на постигнување решение со Бугарија за отворните прашања и се уште се надева дека ќе слушне убава вест на претстојниот јунски Самит на ЕУ и покрај тоа што засега нема јасни најави за повлекување на ветото од страна на Софија. Во Бугарија, пак, политичката криза по излезот на „Има таков народ“ од владејачката коалиција предводена од премиерот Кирил Петков нови превирања, па и можност за нови предвремени избори.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во рамки на официјалната посета на Брисел, вчера одржа тет-а-тет средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на која било разговарано за дијалогот помеѓу Скопје и Софија, за европската перспектива на Западен Балкан, ситуацијата во Украина и последиците од неа.

-Од клучен интерес за сите е зачувувањето на стабилноста во регионот и ориентирањето кон уште поинтензивна соработка помеѓу земјите кандидатки и Унијата, рекол на средбата вицепремиерот Маричиќ, соопшти Секретаријатот за европски прашања.

Маричиќ посочил дека е силна поддршката и посветеноста на француското претседателство за постигнување договор и деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес. Воедно, на десет дена пред одржувањето на јунскиот самит и Конференцијата за Западен Балкан на француското претседателство, тој порачал дека е потребно максимално да се искористи времето за постигнување европско решение помеѓу Македонија и Бугарија, кое со лидерство од страна на ЕУ ќе стави европски печат на иднината на регионот.

Претходно, Маричиќ одржа брифинг со претставниците на Работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан/ проширување (КОВЕБ/КОЕЛА), при што порача дека не смееме да го изгубиме овој моментум за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија.

– Наша стратешка цел останува членството во ЕУ, со целосна посветеност на реформите што ги спроведуваме на тој пат за трансформација на општеството во согласност со стандардите на развиените демократии на ЕУ, за подобар животен стандард за нашите граѓани, што всушност е целта на овој процес и членството во ЕУ, рече вицепремиерот Маричиќ на брифингот, со барање за валоризација на веќе постигнато во делот на европската реформска агенда.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, вели дека се уште немаме постигнато формален договор со Бугарија, ниту пишан, ниту усмен, но оти сè уште има надеж за тоа да се случи.

– За секој проблем постојат решенија и токму за тие дискутираме. Но, некои од решенијата не ја добиле потребната потврда, затоа моментално немаме никаков договор со Бугарија, ниту потпишан ниту усмен. Но, мислам дека има сè уште надеж, има политичка клима за ова да се случи, доста работевме на ова и мислам дека во добар правец. Сите политички фактори во земјава сме на истата страна. На пример вчеравечер до рано изутрината преговаравме и разговаравме со бугарската страна и за тоа ги информирав и премиерот и претседателот на државата, сте сме на иста линија, рече Османи во интервју за ТВ21.

Бугарскиот премиер Кирил Петков при посетата на Велико Трново изјави дека доколку неговата земја влезе во серија избори, тоа ќе биде катастрофално и губење историско време.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков коментира дека продолжуваат разговорите со многу луѓе, бидејќи идејата е секој да ја сфати големата одговорност што ја носи. Доколку не се усвојат 22 нацрт-закони до крајот на годината, Бугарија ќе загуби и ќе запре 12 милијарди лева (6 милијарди евра) од европските фондови за бугарската економија, ажурирањето на пензиите нема да се случи, младите семејства нема да добијат дополнителни даночни олеснувања , а цената на горивата ќе продолжи да биде висока, додаде тој.

Петков изрази надеж дека примерот на петтемина пратеници од „Има таков народ“ и министерот за спорт во оставка Радостин Василев, кој завчера ја напушти пратеничката група, ќе го следат и останатите пратеници. Според Кирил Петков, најважното нешто на што сега се фокусираат е да обезбедат во Собранието 121 пратеник.

Опозициската ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, пак, објави дека ќе иницира гласање за недоверба на Владата на Петков. Како што изјави на прес-конференција, заменик-претседателот на ГЕРБ, Томислав Дончев, гласањето во Народното собрание на Бугарија против премиерот Кирил Петков, ќе биде поради неуспехот на финансиската политика, а не поради Северна Македонија.

Според бугарскиот Устав, за гласање недоверба се потребни потписи од најмалку една петтина од пратениците – 48. ГЕРБ чија пратеничка група има 59 места нема да има проблем да ги обезбеди, но за изгласување недоверба потребни се 121 глас од вкупно 240 пратеници, што значи дека партијата на Бојко Борисов ќе треба да обезбеди уште 62 гласа. За тоа ќе бидат потребни гласовите на сите пратенички групи надвор од владејачката коалиција – 34 од Движењето за права и слободи, 20 од „Има таков народ“ 13 од „Преродба“, со што четирите опозициски групи ќе имаат вкупно 126 гласа во бугарскиот парламент.

Портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому на вчерашниот редовен брифинг со новинарите изјави дека Атина се надева, посакува и ќе работи во насока да се постигне она што го кажа премиерот Мицотакис, Западен Балкан да биде дел од европското семејство до 2033 година.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по завршувањето на Самитот во Солун во петокот, како и во неговата колумна за „Политико“, предложи до 2033 година Западен Балкан да се интегрира во ЕУ, со првиот чекор одлука за две седмици за Македонија и Албанија.

-Премиерот ја изрази намерата на грчката Влада да придонесе во оваа насока.  Постојат процедури и конкретни предуслови што треба да ги исполнат земјите кандидати за членство за  да станат дел од европското семејство.  Се надеваме, посакуваме и грчката Влада ќе работи во оваа насока, за она што го кажа премиерот, до 2033 година да може да се постигне, рече Иконому.

Во меѓувреме, бриселскиот портал „Политико“ повикувајќи се на неколку неименувани дипломатски извори, објави дека Европската комисија ќе препорача Украина, која поднесе барање на крајот во февруари годинава, да добие официјален статус на земја-кандидат за членство во ЕУ.  Еврокомесарите разговарале за тоа прашање во текот на завчерашниот ден, по ненадејната посета на шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во саботата на Украина.

Официјални лица и дипломати во Брисел, сепак, посочуваат дека најмалку три држави-членки на ЕУ се против кандидатски статус за Украина.