Топлото време на крајот од мај и почетокот на овој месец ги раздвижи влекачите, а како што пишуваат некои српски медиуми, забележана е наезда од змии и во главниот град на Србија. Змии се забележани во повеќе населби во Белград. Фотографија со голема змија снимена на Новите бежаниски гробишта, како што пишува весникот „Блиц“, исплашила многумина белграѓани, а набргу потоа жители на овој град се јавиле со тврдење дека змија виделе буквално во центарот на Белград.

– Змијата ја видов помеѓу Калемегдан и улицата Кнез Михајлова. Не беше баш питон, но не беше ни мала. Не се чувствував баш пријатно, вели белграѓанка.

Како што велат од надлежните служби, од почетокот на април до крајот на мај, во Белград биле фатени 10 отсто повеќе змии во споредба со истиот период лани. Стручњаците велат дека нема место за паника, и дека се безопасни сите змии кои досега се пронајдени.

– Од први април до крајот на мај се фатени 30 змии на територијата на Белград, што е за 10 отсто повеќе од истиот период лани. Оваа бројка не отстапува многу од вообичаениот просек за пролетен период, па така нема причина за загриженост, соопштуваат од белградска „Ветерина“.

Минатиот викенд водна змија рибарка е видена во школскиот двор во населба Мириево.

– Таа змија која се појавила во училиштето во Мириево е водна и не е опасна, а во близина на училиштето има поток, па најверојатно дошла од таму, велат од „Ветерина“.

Истиот ден надлежните имале уште една интервенција.

– Другата змија ја најдовме во населбата Бежаниска коса во една печатница, но таа толку се вовлече, па едвај ја извадивме, објаснуваат стручњаците.

Најголем број од овие влекачи се фатени во приградските населби на Белград, велат од „Ветерина“. Фатени се триесетина змии, најмногу смокови, рибарки и белоушки. А најчесто биле наожани во Чукарица, но и во Раковица и во Гроцка.

Стручњаците советуваат како да се постапи во случај на каснување од змија.

Каснувањата од неотровна змија не се опасни, но ако дојде до тоа, сепак најдобро е да се појде до најблиската амбуланта, лекарите да ја очистат раната, за да не дојде до евентуални инфекции.

– Кога ќе наидете на змија, не треба паничење и нагли движења. Ако со змија се соочите во природа, само заобиколете ја, советуваат стручњаците.

Овие влекачи најчесто се појавуваат на топли места, таму каде што има остатоци од храна, односно на места каде се собираат инсекти и глувци, кои се нивен плен. Во изминатите години во Белград, најчести пријави за змии доаѓале од Нов Белград, Карабурма, Вишници и други.