За вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје. На местото на настанот беше и јавниот обвинител на Република Северна Македонија кој присуствуваше и на работата на Кризниот штаб, информираат од ОЈО.
Во соработка со припадници на МВР, додаваат, веднаш е започнат увидот. Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал.
-До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан, соопшти ОЈО
Првичните официјални информации од Министерството за здравство се дека има десет починати, но министерот за здравство Венко Филипче во статус на Твитер напиша дека бројката може да порасне.
– Во Тетово се случи несреќа која однесе повеќе човечки жртви. До моментов се потврдени десет загинати во пожарот, но бројката може да порасне. Ова е многу тажен ден, изразувам најдлабоко сочуство до семејствата, напиша Филипче.
Според известувањата на медиумите неофицијалната бројка на загинати е преку 30 лица.