Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер најави дека за безбедноста ширум Франција во текот на новогодишната ноќ ќе се грижат 100.000 припадници на силите на редот. Безбедносниот систем ќе биде засилен со распоредување на војници и пожарникари, додека терористичкиот ризик останува на високо ниво, јави дописникот на МИА.

– Нема примирје за Нова година. Скоро 100.000 полицајци и жандарми ќе бидат мобилизирани во Франција во текот на ноќта помеѓу вторникот и средата, изјави Кастанер.

Тој додаде дека не утврден посебен терористички ризик, но оти треба да се биде внимателен.

– Ние треба да бидеме внимателни посебно за терористичкиот ризик што останува на високо ниво, истакна Кастанер.

Само 24 часа пред 31 декември, Кастанер, исто така најави дека полицијата ќе биде мобилизирана за да го контролира сообраќајот. Во последните години за време на новогодишната ноќ се регистрирани од 15 до 20 сообраќајни несреќи со смртоносен исход.