Европската економија годинава го загуби моментумот како резултат на високите трошоци за живот, намалената надворешна побарувачка и заострената монетарна политика, што резултираше со намалена прогноза за раст на БДП во ЕУ и во Еврозоната за оваа и следната година во есенските проекции на Европската комисија и покрај очекувањата за постепено закрепнување на економската активност, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според извршен потпретседател на Европската комисија за економија во интерес на луѓето Валдис Домбровскис, 2023 година беше предизвикувачка за економијата на ЕУ, како последица на влијанието на руската инвазија врз Украина, намалената глобална побарувачка и повисоките потрошувачки цени.
– По многу слабиот раст оваа година, можеме да очекуваме скромно закрепнување во 2024 година, благодарение на силниот пазар на трудот и континуираното намалување на инфлацијата, оцени Домбровскис.
Сепак, според него, врз европската економија може да влијае „многу неизвесниот геополитички пејзаж“, дополнително заострен со конфликт на Блискиот Исток.
– И покрај нашата отпорност наспроти последователните шокови, економијата на ЕУ мора да се справи и со долготрајните структурни предизвици. Поради ова земјите членки уште поитно треба целосно да ги спроведат реформите и да ги реализираат инвестициите утврдени во нивните планови за обнова и отпорност, додаде Домбровскис.
Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, пак, оцени дека се ближи крајот на предизвикувачката година за економијата на ЕУ, во која големите ценовни притисоци и затегнатата монетарна политика, се одразија врз домаќинствата и бизнисите.
– Гледајќи кон 2024 година, очекуваме скромно зголемување на растот, инфлацијата дополнително да се намалува, а пазарот на трудот да остане отпорен. Делумно благодарение на Механизмот за обнова и отпорност, инвестициите ќе продолжат да се зголемуваат. Јавниот долг и дефицитот се очекува да го продолжат својот пад, иако постепено, изјави Џентилони.
Според него, конфликтот на Блискиот Исток досега имаше ограничено економско влијание надвор од регионот, но зголемените геополитички тензии дополнително ја зголемија неизвесноста и преставуваат ризик за економската перспектива.
Во есенските проекции, Европската комисија предвидува дека во текот на 2023 година растот на БДП и во цела ЕУ и во Еврозоната ќе изнесува 0,6 отсто, што е за 0,2 процентни поени помалку споредно со нејзината летна прогноза.
За следната година, ЕК предвидува растот на БДП во ЕУ да изнесува 1,3 проценти, а во Еврозоната 1,2 отсто, што претставува намалување во однос на летните проекции за 0,1 процентен поен.
Според Комисијата, во текот на 2025 година, кога се очекува стивнување на инфлацијата и олабавување на монетарната политика, економскиот раст на ниво на цела ЕУ би требало да изнесува 1,7 проценти, а во земјите што го користат еврото како национална валута – 1,6 отсто.
Комисијата посочува дека по силната експанзија во текот на поголемиот дел од 2022-та, реалниот БДП кон крајот на минатата годината се намалил, по што забележа сосема мал раст во првите три квартали од 2023 година.
Според ЕК, се уште високата, иако опаѓачка инфлација, како и затегнувањето на монетарната политика земале поголем данок од претходно очекуваното и заедно со намалената надворешна побарувачка, резултирале со помал раст на БДП од предвидениот. Дополнително, последните деловни показатели и податоци упатуваат на намалена економска активност и во четвртиот квартал од годинава, во услови на зголемена неизвесност.
– Економската активност се очекува постепено да зајакнува, бидејќи потрошувачката закрепнува како резултат на стабилниот пазар на трудот, одржливиот раст на платите и континуираното намалување на инфлацијата. Наспроти построгата монетарна политика, се предвидува дека инвестициите ќе продолжат да се зголемуваат, поддржани од севкупните солидни корпоративни биланси, како и од Механизмот на ЕУ за обнова и отпорност, посочува Европската комисија.
ЕК наведува дека стапката на инфлација минатиот месец во Еврозоната достигнала 2,9 проценти, што е најниско ниво од јули 2021 година и се очекува трендот на нејзино намалување да продолжи и во следниот период. За споредба, во октомври 2022 година стапката на инфлација во зоната на еврото изнесуваше 10,6 отсто.
Се предвидува дека вкупната инфлација во ЕУ ќе се намали од 6,5 отсто во 2023 година на 3,5 проценти на крајот на следната година и на 2,4 отсто во 2025 година. Во Еврозоната, пак, се очекува овогодишната стапка на инфлација од 5,6 проценти да се намали на 3,2 во текот на следната и на 2,2 отсто во 2025 година.
Според ЕК, иако падот на инфлацијата во текот на изминатата година главно беше резултат на значителното намалување на цените на енергенсите, сепак таа останува на високо ниво како резултат на растот на останатите потрошувачки цени.
Освен како резултат на влијанието на строгата монетарна политика врз економијата, инфлацијата ќе продолжи да се намалува во следниот период, иако со поумерено темпо, и како последица на намалените инфлаторни притисоци од цените на храната, стоките за широка потрошувачка и услугите, проценува Еврокомисијата.
Светла точка на економијата во ЕУ останува отпорниот и стабилен пазар на трудот, кој покажа силни перформанси во првата половина на 2023 година и покрај забавувањето на економскиот раст. Деловните активности и вработеноста во ЕУ во вториот овогодишен квартал достигнаа досега највисоко ниво, а во септември невработеноста изнесуваше шест отсто, што е блиску до нејзината рекордно најниска стапка.
ЕК за оваа година предвидува раст на вработеноста во ЕУ од еден отсто, по што во текот на 2024 и 2025 година таа би забавила со зголемување за по 0,4 проценти. Од друга страна, стапката на невработеност годинава се предвидува да остане генерално стабилна на 6 отсто, ниво на кое ќе се одржува и во текот на следната година, а веќе во 2025 година да се намали на 5,9 проценти.
Комисијата посочува дека иако одредени најнови информации укажуваат на раст на невработеноста во некои земји членки на ЕУ, сепак се очекува пазарот на трудот да остане стабилен во наредниот период.
Во исто време, од следната година се очекува реален раст на платите, како резултат на континуираното зголемување на номиналните плати и намалувањето на инфлација.
Во следниот период со очекуваното укинување на мерките поврзани со Ковид пандемијата и субвенциите за приватните инвестиции и за енергетскиот сектор, ЕК предвидува намалување на буџетскиот дефицит.
За оваа година, Комисијата прогнозира буџетскиот дефицит на ЕУ да биде на ниво од 3,2 отсто од БДП, по што како резултат на намалувањето на фискална поддршка од буџетите се очекува тој дополнително да се намали на 2,8 во 2024 и на 2,7 проценти од БДП во 2025 година.
– Главен двигател на овој пад ќе биде значителното намалување на мерките поврзани со енергијата во текот на следната година и нивното постепено укинување во 2025 година, посочува Еврокомисијата.
Во исто време се очекува и намалување на процентот на државниот долг во однос на БДП, кој годинава би изнесувал 83 отсто, по што во текот на следните две години би требало да се стабилизира на нивото од предпандемиската 2019 година на околу 79 проценти.
Сепак, според ЕК, геополитички тензии, како што се руската агресија врз Украина и конфликтот на Блискиот Исток, придонесуваат за зголемени ризици и неизвесност околу перспективите на економијата на ЕУ.
Комисијата посочува дека иако засега судирите на Блискиот Исток немаа значително влијание врз енергетските пазари, потенцијалниот ризик од прекини во снабдувањето со енергенси може да има значително влијание врз цените и глобалното производство на енергенси, како и целокупното ниво на цените.
– Економските случувања во главните трговски партнери на ЕУ, особено во Кина, исто така може да претставуваат ризици, додава Еврокомисијата.
Од друга страна, продолжувањето на строгата монетарна политика во ЕУ, може да влијае на економската активност на подолг рок и во поголем степен од проектираното, бидејќи прилагодувањето на компаниите, домаќинствата и државните финансии на амбиент со високи каматни стапки може да се покаже како поголем предизвик од очекуваното.
– Конечно, екстремните временски услови, како топлотните бранови, пожарите, сушите и поплавите што го погодуваат континентот и целиот свет со зголемена фреквенција и опсег, ги илустрираат драматичните последици што климатските промени можат да ги имаат не само врз животната средина и луѓето кои се директно погодени од нив, туку и врз економијата, заклучува Европската комисија во својата есенска економска прогноза заснована на технички претпоставки во врска со девизните курсеви, каматните стапки и цените на суровините со краен датум до 25 октомври.
Европската комисија секоја година објавува две сеопфатни прогнози, на пролет и на есен, и две привремени прогнози, во зима и во лето. Следната, зимска економска прогноза на Европската комисија се очекува да биде објавена во февруари 2024 година. сп/бак/
Фото: МИА Архива