Еден припадник на полицијата на Косово е убиен, а уште еден е ранет рано утрово во напад на засега непознати и маскирани лица во селото Бањско во Лепосавиќ, во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Косовскиот премиер Албин Курти преку објава на Фејсбук информира дека околу 3 часот по полноќ била нападната косовската полиција во Бањска, а како последица на нападот полицискиот наредник А.Б. е убиен, доддека ранет е уште еден граничен полицаец.
Курти вели дека истрелите од огнено оружје продолжуваат и натаму утрово.
– Денеска околу три часот по полноќ во селото Бањско во Лепосавиќ е нападната косовската полиција, при што еден косовски полицаец е убиен, а друг е повреден. Убиениот е полицаец со чин наредник, додека повредениот е припадник на граничната полиција. Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје, напиша Курти.
Тој го обвини официјален Белград дека е одговорен за нападот кој, според него, е насочен против косовската држава.
– Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград ја напаѓа нашата држава. Во оваа битка го штитиме и спроведуваме законот, ги штитиме и чуваме сите граѓани без разлика и независно Косово. Извршителите и нивните наредбодавачи нема да успеат, ќе бидат фатени, судени и казнети. Владата на Република Косово и државните институции се подготвени и координирани да одговорат на криминалот и криминалците, теророт и терористите. Косовската полиција го извести семејството на убиениот полицаец А.Б. Повредениот полицаец е надвор од животна опасност. Сочувство до семејството и сите за нашиот убиен полицаец. Брзо и целосно закрепнување на повредениот полицаец, напиша Курти.