Десет полицајци се убиени претходната ноќ во напад на полициска станица во северозападниот дел на Пакистан, соопштија локалните власти. Нападот се случи неколку дена пред парламентарните и локалните избори закажани за четврток.

„Повеќе од 30 терористи извршија напад од три правци. Размената на оган траеше повеќе од два и пол часа“, соопшти локалната полиција. Станува збор за полициската станица Чаудван во областа Дера Исмаил Кан, убиени се десет полицајци, а четворица се ранети, додаде полицијата.

Напаѓачите накратко ја презеле контролата врз полициската станица за време на нападот, кој започнал околу 01:30 часот по локално време.

Северозападниот дел на Пакистан долго време е цел на напади на исламистички групи. Пакистанските талибанци Техрик-е-талибан Пакистан (ТТП) и регионалниот огранок на џихадистичката терористичка група „Исламска држава“ особено се насочени кон тамошните безбедносни сили.

Пакистан веќе неколку месеци се соочува со влошена безбедносна ситуација, особено по враќањето на талибанците на власт во Кабул во август 2021 година. Цели на напади се областите на границата со Авганистан. Исламабад верува дека некои од нападите биле планирани од авганистанско тло, каде што напаѓачите имаат засолниште, што Кабул негира.

Од почетокот на годинава убиени се повеќе од 1.500 цивили, припадници на безбедносните сили и бунтовници. Ова е најголем број на жртви во последните шест години, според Центарот за безбедносни истражувања и студии со седиште во Исламабад.

Изборните кампањи во Пакистан генерално се обележани со насилство. Многу кандидати и гласачи беа цел на вооружени напади и бомбашки напади од страна на исламистичките бунтовници во минатото.

фото: архива